Драмската, една од трите дејности со најмногу средства: Кој и за колку пари ќе игра на театарските с
Драмската, една од трите дејности со најмногу средства: Кој и за колку пари ќе игра на театарските сцени оваа година во Македонија?Оваа година Министерството за култура за драмска дејност на националните установи им даде околу 63 милиони денари за проекти и материјалните трошоци, потоа 6,700,000 денари – за театарски фестивали, како и дополнителни средства за гостувања. Независната сцена, пак, годинава е финансирана со 67 проекти со над 15 милиони денари, и со над 16 милиони денари за театарски манифестации и фестивали
Годинава драмската уметност е една од трите дејности, покрај музичката и издавачката, на кои им се дадени најмногу средства од буџетот на Министерството за култура. Притоа, Министерството за 2022 на националните установи од областа на драмската дејност одлучи да им финансира 68 проекти во износ од 63,287,000 денари. Во овие средства се вклучени и материјалните трошоци за установите.
Најмногу средства за подготовка на претстава годинава ќе користи Македонскиот народен театар, а станува збор за „Зимска бајка“ од Шекспир, во режија на Слободан Унковски (4,000,000 ден), а веднаш по него е и Драмскиот театар со претставата „Моето име е Горан Стефановски“ (3,000,000 ден) во режија на Бранислав Миќуновиќ, а која е колаж од драмите на реномираниот македонски драмски писател и за која веќе се започнати подготовките.
Во МНТ годинава, со финансии на Министерството за култура ќе бидат поддржани уште две претстави – „Лагата“ во режија на Бесфорт Идриз (1,000,000 ден) и „Хенг инг Араунд“ на Бојан Трифуновски (600,000 ден), а во Драмски уште три – „Така зборуваше Гертруда“ во режија на Ангелчо Илиевски (900,000 ден); „Дома“ на Иван Манасковски (800,000 ден) и „Версинаж“ на Теа Беговска (400,000 ден).
Во 2022 Народниот театар од Битола доби средства за три претстави „Татко на татковината“ во режија на Иван Пеновиќ (1,700,000 ден); „Артуро Уи“ во режија на Ќендрим Ријани (1,400,000 ден) и „Медеа“ на Себастијан Хорват (1,600,000 ден), додека Театар „Комедија“ за две – „Змејот “ во режија на Нела Витошевиќ (1,000,000 ден) и „Жени во Народно собрание“ во режија на Ќендрим Ријани (1,500,000 ден). Театар за деца и младинци, пак, годинава има средства за две претстави од Министерството за култура. Станува збор за „Роња“ на Јакуб Максимов (1,200,000 ден) и „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ (1,700,000 ден).
Пет премиери се очекуваат од Албанскиот театар во 2022 година, од нив две претстави ќе се доработуваат од претходните години, а за годинава се обезбедени средства и за „Три сестри“ во режија Ќендрим Ријани (1,700,000 ден); „Без имена sвезда“ во режија Хервин Чули (2,000,000 ден) и „Привиденија од сребрениот век“ во режија на Алеш Курт (2,600,000 ден). Турскиот театар, пак, со државни средства годинава ќе ги работи „Процес“ во режија на Џабир Доко (1,200,000 ден); „Бела фигура“ во режија на Ирена Стеријовска (1,000,000 ден) и „Галеб“ со Нела Витошевиќ (1,600,000 ден).
Што се однесува, пак, за театарските сцени низ републиката, Центарот за култура „Јордан Х. К. Џинот“ од Велес доби пари за две претстави „М. Бат ерфлај“ на Андреј Цветановски (1,200,000 ден) и „Креонт и Антигона“ во режија на Дејан Ангелов (800,000 ден), а ЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово за пет, и тоа: „12 гневни луѓе“ на Ирена Стеријовска (1,000,000 ден), „Ковачи“ на Деан Дамјановски (1.000,000 ден), „Спонзорушата достој на за почит“ на Калтрина Тефику (900,000 ден), „Затвореник на петнаесетти кат“ во режија Гент Мехмети (800,000 ден) и „Мажот на мојата жена“ во режија Афрдита Нухији (900,000 ден), последните три на албански јазик.
Ансамблот на Прилепскиот театар во рамки на ЦК „Марко Цепенков“, годинава ќе ги подготвува „Дупло дно“ со Наташа Поплавска (1,000,000 ден), „Хамлет“ со Бранко Брезовец (1,000,000 ден), „Круг“ со Јован Ристовски (600,000 ден) и „Мистеријата Буфо“ со Андреј Цветановски (600,000 ден), а Охридскиот на сцената на ЦК „Григор Прличев“ треба да ги постави претставите „Село на вампирите“ со Ѓорѓи Ризески (500,000 ден), „Енергични луѓе“ со Александар Ивановски (1,000,000 ден) и „Секс и љубомора“ со Коле Анг еловски (1,000,000 ден).
Дел од наведените театарски национални установи имаат добиено и средства за гостувања, во областа на меѓународната соработка, а најмногу пари Драмскиот театар за Регионална унија на театри „РУТА“ за претставување во Словенија, БиХ и Црна Гора, во износ од 1,300,000 ден.
Секако, и годинава на националните установи им се поделени средства за десетина театарски фестивали и манифестации во износ од 6,700,000 ден. Тука се Драмски со Фестивалот „Регионална унија на театри – РУТА“ (800,000 ден), Битолскиот театар со „Битола Шекспир фестивал 2022“ (1,000,000 ден), ТДМ со Интернационален фестивал на детскиот театар „Игор Маџиров“ (800,000 ден), Велешкиот со фестивалот на античка драма „Стоби“ (1,000,000 ден), Кумановскиот со фестивалот „Денови на комедија“ (1,000,000 ден).
Покрај националните установи, Министерството за култура доделува средства од областа на драмската дејност и на локални установи, како и на правни и физички лица. Годинава одлучило да финансира 67 проекти во износ од 15,380,408 денари.
Од локалните установи, Младинскиот културен центар (МКЦ) доби пари за претставата „Вујче Вања“ во режија Владимир Милчин (708,333 ден), а Домот на млади – Штип, пак, за театарска претстава „Поштарот“ според истоимениот драмски текст од Трајче Кацаров, во режија група актери (171,181 ден).
Од правните субјекти, пак, најмногу средства доби Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт медиа“- Скопје за мјузиклот „Архангелот над Скопје“ во режија на Поплавска, а со музика и изведба на Ристо Вртев (791,667 ден), а следува Здружението на граѓани за културен развој „Темпули Театар” со театарската претстава „Американ Буфало“ во режија Фисник Зеќири (691,860 ден).
Кај физичките лица, пак, од околу триесетина кои добија средства за проекти, се издвојуваат Мартин Кочовски со авторски проект по мотиви од текстови на Милер, Орвел и Пирандело (610,465 ден) и Дамјан Костовски со театарската претстава „Спасени“ (569,767 ден).
На локалните установите и правните лица, Министерството за култура годинава им даде пари и за театарски манифестации и фестивали и тоа за 17 проекти во износ од 16,822,998 денари. Инаку, комисијата која одлучуваше кому да му се доделат средстава од буџетот за културата од областа на драмската дејност за 2022 година беше во состав Синоличка Трпкова, претседател, Мирјета Фејзулаху и Тодор Кузманов, членови. (Н.И.Т.)
Comments