„Драгоцено откритие“: Во Полска пронајдени отпечатоци од диносауруси
Стотици фосилни отпечатоци од диносауруси, толку добро сочувани што може да се види дури и отпечаток од лушпеста кожа, се пронајдени во Полска. Тоа дава увид во сложениот екосистем кој постоел пред приближно 200 милиони години, велат полските геолози.
Полскиот национален геолошки институт ова го нарече „драгоцено откритие“. Фосилните траги и коски биле пронајдени во рудник за глина во Борковица, 130 километри од Варшава.
– На отпечатоците што ги оставиле диносаурусите, може да се „прочита“ нивното однесување и навики. Има отпечатоци од трчање, пливање, одмор и седење – вели геологот Гжегож Ниџвиецки од полскиот национален геолошки институт.
Најголемиот отпечаток бил долг 40 сантиметри, а на повеќето отпечатоци можело детално да се види и отисокот на кожата.
– За да може да се одржи ваква зачувана состојба на отисок, морало во кратко време да се случат серија на многу посебни настани – вели полскиот геолог Гжегож Пиенковски.
Научниците пронашле неколку стотици траги од диносауруси, кои опфаќаат најмалку седум различни видови и веруваат дека ќе пронајдат повеќе. Исто така откриле и фрагменти од животинки, коски и риби.
Comentários