Драгица од Скопје: „Јас сум Македонка, мојот сопруг е Либанец, а живееме и ја растеме ќерката во Саудиска Арабија“
- Aleksandar Santovski
- Aug 4
- 4 min read
04.08.2026 Avgust Vtornik
„Момент што никогаш нема да го заборавам беше кога првпат ја однесовме Мона Лиана во домот на семејството на мојот сопруг во Либан. Пред да влеземе, над нејзината глава скршија арапско лепче. Mи објаснија дека тоа е благослов - желба детето никогаш да не му недостига леб, здравје, љубов и благосостојба“, вели Драгица Ибрахимовиќ од Скопје и споделува како функционираат меѓу три света.
Драгица Ибрахимовиќ од Скопје додека работела како стјуардеса во авиокомпанијата Saudia Airlines со седиште во Ријад, Саудиска Арабија, пред 6 години го запознала Марк Саркис од Бејрут, Либан.
Денес живеат во Саудиска Арабија и се среќни родители на ќерката Мона Лиана.
Нивната ќерка расте помеѓу 3 света, а Драгица вели дека тоа е најголемото богатство што можеле да ѝ го дадат.
Драгица споделува како е да се расте дете меѓу 3 света:
„Понекогаш се шегувам дека Мона Лиана уште пред да научи да оди, научи што значи да имаш повеќе од еден дом.
Јас сум Македонка, мојот сопруг е Либанец, а нашиот живот е во Џеда, Саудиска Арабија. За многумина тоа звучи комплицирано. За нас, тоа е најголемото богатство што можевме да ѝ го подариме на нашата ќерка.
Секој пат кога патуваме, како да отвораме ново поглавје од нејзиното детство.
Во Македонија е внучката што сите ја гушкаат, ја разгалуваат и ја хранат со домашно подготвена храна.Таму утрата мирисаат на топла пита, домашно сирење и кафе што се пие со часови со баба и дедо.
Семејството не се договара кога ќе се види – едноставно, секогаш некој доаѓа на кафе.Децата растат во двор, трчаат боси по тревата, ги знаат соседите по име и секогаш има некоја баба што ќе им подаде парче колач.
Во Либан, пак, сè има поинаков ритам.Првото нешто што ме воодушеви беше начинот на кој се слави животот.Таму не ти треба голем повод за да се собере целото семејство. Доволно е да е недела.
Ручекот лесно може да трае со часови, а околу масата постојано доаѓаат нови луѓе. Баба, дедо, тетки, чичковци, братучеди – секој е дел од приказната.Имав чувство дека никој никогаш не е сам.
Кога се роди Мона Лиана, прво ги доживеав македонските обичаи, а потоа и либанските.Во Македонија сите знаеме што значат мекиците. Поради обичајот мајката и бебето првите четириесет дена да останат дома, прославата традиционално се организира на друго место, каде што семејството и пријателите се собираат за да го прослават доаѓањето на новиот живот.
Се наздравува за здравје, се раскажуваат убави желби за бебето и сите со нетрпение го очекуваат денот кога конечно ќе можат да го запознаат.










Во маронитската традиција на семејството на мојот сопруг, децата ја чекаат својата Прва Причест – First Communion.
Со години посетуваат веронаука, учат за верата, а потоа доаѓа денот кога за првпат ќе ја примат Светата Причест.
Девојчињата носат прекрасни бели фустани, момчињата свечени костуми, а целото семејство слави како да е уште една свадба. Многу ми е убаво што Мона Лиана ќе ги познава и двете традиции и ќе научи дека верата може да има различни обичаи, но иста суштина.Родендените се уште една прекрасна разлика.
Во Македонија најважно ни е да бидеме заедно – дома, во двор или во игротека.Во Либан, родендените се вистински спектакл. Раскошни декорации, цвеќе, аниматори, фотографи, видеографи, музика, огромни торти и мали подароци за секое дете што дошло на прославата.
Таму навистина знаат како секој момент да го претворат во незаборавен спомен.Нашиот трет дом е Џеда во Саудиска Арабија.
Животот таму е сосема поинаков. Кога дојдов, ми беше чудно што парковите навечер се пополни отколку преку ден.
Денес тоа ни е нормално. Кога сонцето ќе зајде и жештината ќе попушти, градот оживува.Децата возат велосипеди, играат во парковите до доцна, а семејствата излегуваат на вечера како да започнува нов ден.Она што најмногу го сакам во Саудиска Арабија е што Мона Лиана расте во вистинска интернационална средина.
На едно игралиште може да игра со дете од Јапонија, Индија, Франција, Египет, Бразил или Филипини. За неа тоа ќе биде сосема нормално. Ќе научи дека различностите не се пречка, туку богатство.Она што дополнително ме воодушевува во Саудиска Арабија е колку технологијата е дел од секојдневниот живот.Многу работи што на други места бараат време и чекање, овде се завршуваат за само неколку минути.
Закажувањето лекарски прегледи, пристапот до медицинските извештаи, обновувањето документи, визите и голем дел од административните постапки се достапни онлајн.Како мајка на мало дете, тоа навистина ми го олеснува секојдневието. Наместо да губиме часови по шалтери и чекални, повеќе време поминуваме заедно како семејство.Мислам дека токму тоа е една од најубавите страни на животот во Џеда – традицијата и современиот начин на живот одат рака под рака.
Од една страна, Мона Лиана расте опкружена со семејни вредности и почит кон културата, а од друга страна, живее во земја која постојано се развива и со неверојатна брзина ги прифаќа новите технологии. Верувам дека и тоа ќе биде важен дел од нејзиното детство и од начинот на кој ќе го гледа светот.Уште од сега слуша македонски, арапски и англиски, а се надевам дека еден ден ќе зборува и француски. Мојата најголема желба е да не изгуби ниту еден дел од својот идентитет.Сакам да знае што се мекици, но и што е chocolate table.Да знае зошто кај нас бебињата се причестуваат уште од мали, а во Либан се чека First Communion.








Да ја памети миризбата на домашната пита кај баба во Македонија, вкусот на манушето во Бејрут и вечерните прошетки покрај Црвеното Море во Џеда.
Сакам да порасне знаејќи дека не мора да избере само една култура. Таа ги има сите три.
И верувам дека токму тоа ќе биде нејзината најголема сила.
Еден ден, кога некој ќе ја праша: „Од каде си?“
Се надевам дека со насмевка ќе одговори:
„Имам македонски и либански корени. Не припаѓам само на едно место. Во моето срце ќе живеат Македонија, Либан и Саудиска Арабија – трите земји што го обликуваат моето детство.
Секоја од нив ми подари дел од тоа што сум, а заедно ми го подарија најубавиот подарок – можноста да растам со повеќе јазици, повеќе традиции и уште повеќе љубов“.
И мислам дека нема поубав подарок што можевме да ѝ го оставиме како родители“.







Comments