top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Досега невидени дела на Борко Лазески пред публиката

Неизложуваните дела на Борко Лазески, зачетник на првата повоена генерација на академски образовани уметници во Македонија, ќе бидат пред окото на јавноста денеска, во неговата семејна куќа

По повод 30-годишнината од смртта на големиот македонски ликовен уметник Борко Лазески се отвора изложба на негови досега неизложени дела, изработени во период од 1937 до 1950 година. Изложбата ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, во семејната куќа на авторот, ул. Отон Жупанчиќ 15, Скопје. – Неизложуваните дела на Борко Лазески, зачетник на првата повоена генерација на академски образовани уметници во Македонија, ќе бидат пред окото на јавноста денеска, во неговата семејна куќа. Циклусот претставува значаен дел од искуството на авторот и нуди преглед на неговата уметничка перцепција од тој период. Делата ги одразуваат талентот и креативноста и неговата способност да ги фиксира деталите во своето искуство. Борко Лазески запишува Ликовна школа во 1933/34 година во Белград, а студиите ги продолжува на Ликовната академија во Белград, но поради војната ги завршува на Државната уметничка академија во Софија, во 1943 година – вели Марија Коробар, кураторка на изложбата.

Во почетокот на 1945 година, Лазески учествува во формирањето на уметничката школа во Скопје и е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Како стипендист на француската влада, во 1945 година се запишува на париската Висока национална школа за ликовна уметност, во одделот за фрескосликарство. Тука ги студира монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба. Во текот на двегодишниот престој во Париз, Борко Лазески работи во ателјето на францускиот уметник и теоретичар Андре Лот, кој има клучна улога во оформувањето на ликовниот стил на Лазески како автор. Тој е прв ВД-директор на Уметничката галерија во Скопје (1948 година). – Уметничкото наследство на Борко Лазески има трајно влијание врз македонската визуелна уметност и се смета за пионер во македонската модерна. Тој зад себе оставил богат опус на творештво што ги одразува неговиот креативен развој и влијанието на времето и средината во која творел. Неговото творештво се одликува со различни стилови, а неговите дела истражуваат и прикажуваат различни аспекти на македонската култура и идентитет – вели кураторката на изложбата.

В.Д.


0 views

Comments


bottom of page