Дориев: Не е виновен ниту претседателот – ниту селекторот, недостасуваат две важни работи во тимот! квалификации фудбал лига на нации 2026-2027
17.11.2026 Noemvri Vtornik
Љупчо Дориев беше еден од играчоте кои оставија најдобар впечаток во Глазгов против Шкотска, но вчера го почна натпреварот против Словенија од клупата, пред да биде внесен во игра на стартот на вториот дел.
Иако беше доста енергичен во воведот од вториот дел кога испрати два удари кон голот на Облак, Дориев сепак не успеа да направи промена во динамиката на тимот, кој на крај 2026-та година ја заврши со седми пораз во низа.
Поразот од 0:3 го става националниот тим во навистина специфична ситуација, а во моменти кога многумина бараат виновници за лошата серија која датира повеќе од една година, Дориев презема самоодговорност и одговори бара кај себе и соиграчите.
– Оваа година е таква каква што е, да се каже најблаго, година за заборав. Нам играчите ни е најтешко. Не е виновен ниту претседателот Омерагиќ, ниту селекторот Седлоски.
– Виновни сме ние играчите, тука доаѓаме најдобрите во Македонија и кај нас треба да се бара вината за резултатите. Според мене лично, недостасува повеќе одговорност од секој кој го облекува националниот дрес. Ќе почнам од себе, секогаш тргнувам од себе, сметам дека ни недостасува одговорност и дисциплина во играта, – изјави Дориев, апострофирајќи ги двете работи кои според него се клучни за лошите резултати.
– Оваа репрезентација не смее да си дозволи да игра вакви натпревари, нам ни е најтешко и треба да се потрудиме што побрзо да ја заборавиме оваа година. Мислам дека можеме да се поправиме, ни требаат една-две победи за да се издигнеме како тим. Потфливме во многу сегменти, а кога ќе загубиме на начин на каков што загубивме со Словенија, јасно е дека ние како играчи не сме ги исполниле барањата на селекторот, – заврши Дориев.







Comments