Дончиќ го нападна „несериозниот“ Нибо, па доби експресен одговор од неговиот агент Ражнатовиќ
- Aleksandar Santovski
 - Aug 26
 - 2 min read
 
25.08.2025 Avgust Ponedelnik
Словенија ги финишира подготовките за Европското првенство, а на него ќе биде ослабена со неиграњето на Влатко Чанчар и Џош Нибо, двајца искусни играчи кои не добија дозвола од Армани Милано да бидат дел од престижниот турнир.
Нибо минатата сезона имаше малку настапи поради неколку повреди, додека Чанчар летово потпиша за италијанскиот евролигаш, а тренерот Еторе Месина и неговите соработници издејствувале тие да се откажат од настапот на ЕП, за да бидат подготвени за клупската сезона.
Саша Дончиќ, спортскиот директор на словенечката репрезентација и татко на првата ѕвезда Лука Дончиќ, со својата изјава навестил дека Словенците може да го поништат пасошот на Нибо, бидејќи тој одбива да игра за репрезентацијата.
– Нибо досега никогаш не ми најавил, дури ни по последната повреда, дека нема да игра за репрезентацијата.
– Клубот ја доби поканата на 3. јули, а две недели подоцна добивме известување дека не се препорачува да игра. Сега сме фокусирани на ова ЕП, но по него ќе мора да се преиспитаме. Нибо доби државјанство за да игра за националниот тим и ако не го прави тоа, не гледам причина да ја продолжиме соработката, – рекол Дончиќ сениор.
Не помина многу време пред да стигне одговор од агентот на Нибо, познатиот Мишко Ражнатовиќ.
– Џош поседува нигериски пасош, кој во кошаркарскиот свет има вредност исто како словенечкиот. Нибо не реши да настапува за Словенија за да профитира од пасошот, што е пример со други американски играчи.
– Тој сакаше да игра заедно со Лука, сакаше да биде дел од турнирот летово, но поради недолечена повреда, доби забрана од клубот. Џош е вознемирен што ќе го пропушти ЕП, но заклучокот е дека тој нема да има последици ако го загуби словенечкиот пасош, но ваквите изјави може да донесат последици за Кошаркарскиот сојуз на Словенија, – напишал познатиот српски агент.






Comments