Донарума: Сите знаеме од каде почнавме, а сега ја славиме титулата
13.07.2021 Juli Vtornik
ФУДБАЛ – ИТАЛИЈА Е НОВ ЕВРОПСКИ ПРВАК
„Фудбалот не остана дома“, во Англија, туку замина за Рим, за Италија, која е новиот европски првак, вторпат. Италија ја совлада Англија во големото финале на Европското првенство (ЕП) 2020 на стадионот „Вембли“, пред 60.000 гледачи, на пенали со 3-2, откако по 120 минути игра немаше победник, 1-1. Најзаслужен за триумфот на „азурите“ беше голманот Џанлуиџи Донарума, кој од Европската фудбалска унија е прогласен за најдобар играч на ЕП 2020. Тој ги одбрани решавачките пенали на Џејдон Санчо и на Букајо Сака, а претходно му попречи и на Маркус Рашфорд, чиј удар заврши во дирекот. Англија и по 55 години не успеа да освои нова, втора титула на еден голем турнир, во првото финале на ЕП, и по триумфот на Светското првенство (СП) во 1966 година.
– Направивме нешто извонредно, одушевени сме. Сите знаеме од каде почнавме. Неколку луѓе веруваа во нас и, на крајот, ние сме тука и го славиме освојувањето на ЕП – изјави Донарума.
Италија, која не се пласира на СП 2018, ја продолжи серијата мечеви без пораз, сега 34, која почна во септември 2018 година, и во 10-то финале на ЕП или на СП се закити со втората титула првак на Европа (има и четири светски титули). Италија е четвртата селекција што освоила барем две европски титули, по Германија и Шпанија, кои имаат по три и Франција две. Првиот европски трофеј, „азурите“ го освоија на ЕП 1968, кое се одржа во Италија, што е најдолга пауза помеѓу две титули во историјата на ова натпреварување. Претходно најдолго чекаа Шпанците, 44 години, од првиот триумф во 1964-та до вториот во 2008 година. Италија потоа загуби две финалиња, во 2000-та (од Франција) и во 2012-та (од Шпанија). Повеќе трофеи на големите турнири од Италија има само Германија, седум (четири светски и три европски титули).
Англичаните одново не добија меч со изведување пенали (меѓу другите два пораза од Германија, во полуфиналињата на ЕП 1996 и на СП 1990). Статистиката вели дека Англичаните победиле само на два од деветте меча на ЕП и на СП со изведување пенали, или 22 отсто, што е најлош процент меѓу европските репрезентации што три и повеќе пати шутирале пенали.
– Јас ги избрав изведувачите на пенали врз основа на она што го правевме на тренинзите. Многу сме разочарани, бидејќи играчите дадоа сѐ што можеа вечерва, на моменти играа навистина добро, а на моменти не, не ја чуваа топката доволно добро, особено во почетокот на второто полувреме. Но не ги обвинувам за ништо. Беше задоволство да се работи со нив, бевме блиску до целта, но не успеавме. Тажно е во соблекувалната, бидејќи можностите за освојување трофеи како овој се многу ретки во животот – изјави Саутгејт.
Манчини: Напредувавме многу, има простор да се подобруваме
Момците едноставно беа неверојатни. Немам зборови за нив, ова е прекрасна група играчи. Ова беше тежок меч, беше уште потешко по рано примениот гол. Но освен тоа, доминиравме во поголемиот дел од натпреварот. Кога станува збор за пеналите, треба да имате и малку среќа. По малку ми е жал за Англија, бидејќи и таа имаше одличен турнир. Нашиот тим напредуваше многу, а мислам дека има простор и понатаму да се подобруваме. Многу сме среќни заради сите Италијанци, изјави селекторот на Италија, Роберто Манчини.
Најбрз и највозрасен
Во аналите на фудбалските европски првенства (ЕП) влегоа и стрелците на двата гола во финалето на ЕП 2020. Голот првенец во репрезентацијата за Лук Шо по 1,57 минута беше најбрзиот во финале на ЕП, наедно и најбрз за Англија во ова натпреварување, а и најрано примен гол за Италија. Центархалфот на „азурите“, Леонардо Бонучи, стрелецот на голот за Италија во 67. минута, на возраст од 34 години и 71 ден стана најстариот фудбалер што постигнува гол во финале на ЕП. Бонучи го одигра 18-от меч на ЕП, што е италијански рекорд. По еден натпревар помалку, 17, имаат одиграно Џорџо Кјелини и Џанлуиџи Буфон.
ДОСЕГАШНИ ПРВАЦИ
РЕПРЕЗЕН. ТИТУЛИ
Германија 1972, 1980, 1996
Шпанија 1964, 2008, 2012
Франција 1984, 2000
Италија 1968, 2020
СССР 1960
Чехословачка 1976
Холандија 1988
Данска 1992
Грција 2004
Португалија 2016
Comments