„Дон Жуан“ на Андреј Цветановски селектиран за 72. Фестивал на професионалните театри на Војводина
„Дон Жуан“ од Молиер, во режија на Андреј Цветановски, во продукција на Народно позориште – Вршац, влезе во селекцијата на 72. Фестивал на професионалните театри на Војводина како една од претставите што ја обележаа театарската продукција во Војводина за оваа сезона, според селекторката на годинешното издание на фестивалот, познатата театарска критичарка Александра Гловацки. Овој фестивал заедно со Стеријно позорје се двата најголеми и најзначајни фестивали во Србија. „Што се крие зад тоа силно освојување и нечувствителност кон сопствените жртви е основната сфера на интерес на македонскиот режисер, кој е автор на адаптацијата. Во високоестетизираната постановка, со еднакво драмски и комичен набој во актерскиот ансамбл, ова читање отвара широк простор за преиспитување на односот на главниот лик со својот татко и со тоа му дава трагични размери. Вршачкиот Дон Жуан не донесува само ново читање на класиката, туку со минимални додатоци на текстот, а без уништување на основното ткиво, дава нова посложена драмска предлошка“, пишува во извештајот на селекторката. Во селекцијата на овој фестивал се влезени значајни режисери од театарската сцена во Србија и на Балканот, како Харис Пашовиќ, Кокан Младеновиќ, Милан Нешковиќ и други. Најновата премиера на режисерот Андреј Цветановски беше изведена во Вршац, минатата сабота, во театарот „Стерија“. „Преку амалгамот на слики и авантури и во контраст со неговиот верен слуга Зганарел и сè што е во главата на главниот лик, добиваме трагикомедија на ликот и дејствита на Дон Жуан“, посочува Цветановски, кој беше следен во режисерската идеја од Сергеј Светозарев, сценографот, музиката е на Димитар Андоновски, Софија Лучиќ е костимограф, а дизајнот на светло е на Радомир Стаменковиќ. В.д. директорката на театарот, Снежана Удицки, за претставата истакна дека ќе ги надмине очекувањата на театарската публика во Вршац и пошироко во сите домени нагласувајќи дека „амбициите во моментот се насочени кон тоа овој театар да стане еден од најдобрите во земјата, но и пошироко“. „Претстава каква што театарот во Вршац можеби немал со децении. Интересно читање на режисерот кој бара од каде доаѓа потеклото на природата на вечниот заводник преку односот со својот татко. Целата техничка опрема што ја доби Вршац блесна во цел сјај за оваа претстава, сценографијата на Сергеј Светозарев беше сведена, но многу практична и функционална, за дејството и одлично вклопена музика, која е дело на Димитар Андоновски и мислам дека оваа претстава ќе биде важна не само за Вршац туку и за цела Србија за оваа година“, изјави Јелена Периќ од Радио Белград.
Comments