Доминантниот Килде сега се трка и за ретката „двојна круна“
Updated: Jan 25, 2022
24.01.2022 januari Ponedelnik
На спустот во Кицбил, на една од најтешките и најпознати патеки во светот, првата победа во кариерата ја забележа Норвежанецот Александер Амод Килде, вкупно трета на седумте спуст-трки сезонава во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, откако победи во Бивер Крик, САД и во Венген, Швајцарија.
– Да стојам овде како победник, нешто повеќе од една година откако го оперирав коленото, е сосема неверојатно. Многу работи треба да се случат за да победите, ова беше еден од оние денови кога навистина имав добро чувство – изјави Килде.
Килде го сметаат за главен фаворит за освојување златен олимписки медал во спуст на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг. Победници во Кицбил и на ЗОИ во спуст во иста година досега биле само двајца скијачи, легендарните Австријци Франц Кламер, во 1976 година, и Тони Зајлер во 1956 година.
За изненадувањето на оваа трка се погрижија двајца Французи, кои завршија на подиумот покрај Килде. Ветеранот Јохан Клери (41) беше втор и го собори сопствениот рекорд како најстар алпски скијач што се искачил на подиумот во СК. Минатата година, исто така, во Кицбил, Клери стана првиот 40-годишник на подиумот, и тогаш како второпласиран. Блези Гајзерданер, кој стартуваше како 43-ти, се најде на третата позиција, за него најдобар пласман во кариерата во спуст, по деветтото место во Шамони, во 2016 година.
Килде е водечки во поредокот за спуст во СК (вчера во Кицбил се возеше уште еден спуст), со 405 поени, 53 повеќе од Матијас Маер од Австрија, односно 68 поени од Беат Фојц од Швајцарија.
Komentar