Доменек: Франција доби тешка шлаканица на Европското првенство поради Бензема!
06.10.2021 Oktomvri Sreda
Рејмонд Доменек ќе остане запаметен како еден од најконтроверзните селектори во историјата на Франција, но како човек кој сепак остави свој белег во фудбалот во родната земја, си даде за право да го коментира последниот лош резултат на „триколорите“ на Европското првенство.
Франција влезе со преголема доза на самодоверба на континенталниот турнир и беше вивната во облаци од цела светска спортска јавност, но тоа на крајот донесе разочарувачки резултат и елиминација од Швајцарија во пенал рулетот.
Избраниците на Дидие Дешамп беа величени од домашната јавност, но по болната елиминација, претрпеа огромни критики и се најдоа на удар и поради раздорот во соблекувалната. По крајот на турнирот, сето тоа резултираше со исклучување на Оливие Жиру од селекцијата, но според Доменек, главен проблем за Дешамп било тоа што премногу доцна го вратил Карим Бензема.
– Франција загуби на Европското првенство поради тоа што играше против својата природа со Карим Бензема во нападот. Овој тим на Франција знае како да се брани како блок, како да ја чува топката и како да игра на контра. Тоа е филозофијата на Франција, тоа е ДНК-то на оваа Франција. Имавме огромен потенцијал со Гризман, Бензема и Мбапе, но тоа е залудно на такви турнири.
– Бензема во Реал Мадрид е научен да игра во тим кој ја има топката, додека Килијан во ПСЖ игра сличен фудбал на оној во француската репрезентација. На Европското првенство, постоеше голема разлика меѓу стилот на игра на Франција и она што го бараше Бензема од тимот. Тој го трансформираше тимот, помисливме дека сме Белгија, игравме убав фудбал, се вивна и јавноста, но игравме против нашата природа. Затоа доживеавме тешка шлаканица. Ако Карим играше уште во квалификациите, можно е ситуација да беше поинаква, – вели Доменек.
Comments