top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Документите од коресподенцијата на Гоце Делчев со неговите соборци за првпат пред јавноста

“Денес одбележуваме 150 години од раѓањето на апостолот на македонското движење за државност и самобитност Гоце Делчев, а изложбата на Државниот архив е само еден од настаните. Ова е изложба со документи од личната коресподенција на Делчев и неговите соработници кои досега македонската јавност немала можност да ја види“, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски кој е покровител на изложбата организирана од Државниот архив

Документите од личната коресподенција на Гоце Делчев (1872 – 2022) со неговите соборци за првпат се претставени пред пошироката јавност на изложбата, која по повод 150 години од неговото раѓање е отворена во Музејот на македонската борба. Токму преку богатата архивска документација на Државниот архив во Скопје, кој ја подготви изложбата, е претставено дејствувањето и улогата на Гоце Делчев како организатор на македонското револуционерно национално – ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век, односно како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација.

„Денес одбележуваме еден навистина значен јубилеј – 150 години од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Изложбата поставена од Државниот Архив на Република Северна Македонија, во која се опфатени оригинални документи, писма и фотографии, како и написи од весници и други архивски материјали поврзани со неговиот живот и револуционерната активност, несомнено е централниот настан во одбележувањето на овој јубилеј. Особено е важно што на изложбата се презентирани материјали на Државниот архив кои нашата јавност може да ги види за прв пат“, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски, кој е покровител на изложбата организирана од Државниот архив. Тој исто така посочи дека Гоце Делчев бил визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век и клучните дострели на македонската илинденска генерација несомнено го носат неговиот печат.

“Тој својот живот го подари на највисоката кауза за национална и социјална слобода и со право за македонскиот народ претставува стожер врз кој ја градиме нашата државност и самобитност. Благодарение на својата преданост на делото, Делчев го има трајно обезбедено своето место во колективното паметење на македонскиот народ“, додаде Пендаровски.

Ликот и делото на Гоце Делчев, како што истакнуваат од Архивот, е опфатено од повеќе аспекти, преку сведоштвата и погледите кон неговото дело од страна на неговите соборци. На изложбата е претставен и патот на неговите мошти од с. Баница преку Софија до главниот град на современата македонска држава, Скопје. На јавноста исто така и се претставени и материјали што ги оставиле потомците на Гоце Делчев за чествувањето на неговото име и дело во времињата што доаѓаат.

Државниот архив преку изложбата ја пренесува и пораката дека е чувар на меморијата за минатото и за културно-историското наследство на македонскиот народ, во кое спаѓа и личноста на Гоце Делчев, корифејот на македонското ослободително движење и на борбата за независна држава.

Инаку, и претходно весникот „Вечер“ пишуваше дека Државниот архив во својата сопственост има неколку бугарски весници од 1906 година, во кои стои веста дека се одбележуваат три години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, а во други од 1946 информацијата дека моштите на македонскиот револуционер Гоце Делчев се пренесени во Скопје, главниот град на Република Македонија, за која тој го дал животот. Овие весници се дел од документацијата која внуката на Гоце Делчев ја има доставено до Македонскиот државен архив.

Заедно со нив, во депото на оваа установа, се чуваат и 44 оригинални писма од Гоце Делчев, коресподенција со соборци, пријатели, некои потпишани со псевдонимот Ахил, некои со Гоце Делчев…


2 views

Comments


bottom of page