Документарецот „76 дена“ со драматични сцени од Вухан – пред светот
07.12.2020 Декември Понеделник
„Ова е документарен филм од прва рака, од фронтот, од ситуацијата што доведе до пандемија. Можеби некои луѓе ќе сакаат да го гледаат филмот само кога ќе заврши пандемијата и тоа би ме направило среќен. Би ми било драго кога за две или десет години некој би го гледал филмот во обид да разбере што ни се случи со коронавирусот“, вели Хао Ву, режисер на документарецот
Филмот, поточно документарецот „76 дена“ во режија на Хао Ву, кој одблиску ја прикажува ситуацијата во Вухан, жариштето на коронавирусот, е претставен пред светот. Филмот, кој илустрира четири болници во тој град, како и интимните драми во текот на два и пол месеца, беше премиерно прикажан во септември на Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, а од 4 декември е достапен во најмалку 50 виртуелни американски кина, како и низ целиот свет на веб-страницата на „Филмфорум“.
Ова остварување потсетува како се започнало. Град Вухан од 11 милиони жители беше беше заклучен на 23 јануари со цел да се бори против немилосрдниот вирус кој „уништува сè пред себе“.
„Тој содржи такви реални сцени на пандемија и паника, што потполно наликува на хорор филм. Пациентите и медицинскиот персонал кои се борат да ја преживеат оваа немилосрдна пандемија се во фокусот на приказната на филмот „76 дена“, бидејќи точно толку денови овој град, од кој започна пандемијата, беше заклучен. Филмот ја прикажува ситуацијата одблизу, односно илустрира четири болници во тој град и интимните драма во текот на два и пол месеца“, велат дистрибутерите на филмот.
Интересно е што режисерот за цело време на снимање на документарецот бил во Америка, додека неговите колеги снимале на терен, во Вухан. Додека ја следел веста за појавата на вирусот, Хао сфатил дека до средината на февруари, многу малку видеоматеријал е достапен од самиот Вухан.
Режисерот признава дека досега се сретнал со многу луѓе кои му рекле дека не сакаат да гледаат на филмско платно филм или документарец за вирусот Ковид-19, меѓутоа, кога го виделе филмот, тие биле или шокирани или емоционално уништени.
„Ова е документарен филм од прва рака, од фронтот, од ситуацијата што доведе до пандемија. Можеби некои луѓе ќе сакаат да го гледаат филмот само кога ќе заврши пандемијата, и тоа би ме направило среќен. Би ми било драго кога за две или десет години некој би го гледал филмот во обид да разбере што ни се случи со коронавирусот“, заклучи Хао Ву.
Според филмските познавачи беше јасно дека е само прашање на денови кога во светот ќе се појават првите филмови на тема „суровиот вирус корона“, кој буквално ја “замрзна“ 2020 година, а еден од нив е секако живиот документарец „76 дена“ на режисерот Хао Ву, кој е всушност првиот филм што ги дава податоците “од прва рака“. (Д.Т.)
И снимателот од “Медена земја“ Фејми Даут снимаше во Вухан
“Ова е нова реалност”, изјави Фејми Даут, кога се врати од ризичниот Вухан во Кина каде во март исто така се снимаше филм за коронавирусот чиј работен наслов е „Сезона на пеколот во Вухан“ во режија на оскаровецот, Малком Кларк. Даут работел во срцето на покраината Хубеи, каде се снимала оваа американско – кинеска продукција. На прашањето дали во документарецот ќе има одговор на барем некои од силните прашања што си ги поставуваме во последните месеци, Даут одговори дека „секако дека ќе има одговори, но можеме да разговараме за тоа дури по монтажата, а идејата на режисерот беше објективно да покаже што ја иницираше епидемијата во Вухан, како таа станала можна“.
Во ексклузивното интервју за ВЕЧЕР пак, по враќањето од Вухан, Даут изјави „Тоа на што бевме сведоци таму, е најдоброто искуство што можеме да го пренесеме и да се заштитиме. А во Вухан – милион приказни, за здравствениот систем, за поддршката на приватните фирми, за социјалниот живот во време на короната, за вежбите на јавен простор, за хуманоста и солидарноста на луѓето и поединците…“, изјави Даут. Го прашавме и кога ќе може документарецот да го видиме во Македонија. Според него идејата е по премиерата што е можно повеќе луѓе да го видат филмот, но додава, сепак се зависи од состојбите во светот.
Comments