Документ со големо историско значење: Пронајдена е карта од околината на Прилеп од 1883 година
18.10.2021 Oktomvri Ponedelnik
Пронајдена е копија на карта од османлискиот период, која има големо историско значење и потврдува историски места и културни обележја во нашата земја за кои зборува историјата. Картата, која датира од 28. 9. 1883 година, е откриена во Архивот во Прилеп, поточно деновиве при тековно работење врз архивскиот фонд ја пронашле архивистите во Државниот архив – одделение Прилеп, предводени од раководителката, Елена Чагороска и Мустафа Алиоски.
Станува збор за географска карта на околината на Прилеп. Според директорот на Државниот архив, Емил Крстески, картата претставува големо историско богатство, а е изработена во османлискиот период.
Како што појаснува тој, изработена е на специфична хартија и е напишана на старотурски јазик и арапско писмо, а значајна е зашто го потврдува постоењето на повеќе населени места и на историски, културни и црковни обележја во околината на Прилеп.
„На картата прикажан е имот на чифлиг во с. Крстец од 109 декари во сопственост на Хусрев бег – паша со две воденици и Ан, кои ги подарува на жители од с. Крстец по законски пат со учество на селскиот совет. Во четири печати напишани се имињата на членови на селскиот совет: Стојан, Ангеле, Дамјан (Дамјан е името на претседателот на селото – Мухтар), Ристе, Мира, Наумче, Коле, Петко, Диме и Ачко. На картата се обележани и два патa кои водат од Прилеп до Велес. Eден пат одбележан е Прилеп преку с. Крстец кон Велес и другиот пат Прилеп преку с. Присад и Дервенскиот премин со обележана кула. На планинскиот дел обележани се местата Балталак и Конор, манастирите Трескавец и Присадскиот манастир, Дервенските Кули и местото по воденици. Најзначајниот запис на картата е исцртан пат кој Прилеп го поврзува со Виа Игнатиа и на север до Куманово. Овој документ е од големо историско значење, дел од нашето историско минато. Картата не само што зборува за нашето минато, туку е и солидна основа за натамошни истражувања на нашите историчари, топографи и географи“, велат од Државниот архив.
Преводот на текстот на картата е направен од Мустафа Алиоски, вработен во Државниот архив – Османлиско одделение.
Comments