Доделени наградите „Антево слово“: Прва награда за Македонка Божиновска
12.07.2024 Juli Petok
Манифестацијата „Антево слово“, на која беа врачени истоимените награди, се одржа во средата, во Центарот за култура во општина Ѓорче Петров во Скопје.
Овие награди се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија – Анте Поповски.
На свеченото доделување присуствуваше Геро Ла Векија со неговото семејство, а оваа година беа доделени наградите и за добитниците од изминативе пет години. Лауреати кои се носители на наградата „Антево слово“ се: Томислав Османли, Катица Ќулавкова, Драгана Евтимова, Иван Антоновски, Ива Дамјановски и Виолета Танчева-Златева.
Годинава првата награда ја доби Македонка Божиновска, втората награда им припадна на Милена Сиљаноска и Александра Спасеска, третата награда ја делат Рекио Фебија од Италија и Антева Темјана, односно Силвана Димитриевска, наградата за млад автор на годишниот поетски конкурс е на Васја Мицковски.
Во соработка со здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“, наградата „Антево слово“ е конституирана како дел од оваа меѓународна манифестација, која се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија, Италија, а воедно и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.
По објавениот повик за испраќање на песна по слободен избор, за учество на седмиот меѓународен конкурс и доделување на наградата „Антево слово“ на македонски и италијански или англиски јазик, со свои дела се пријавија повеќе од сто поети од Македонија и Англија, Албанија, Бугарија, Тунис и Кипар.
Настанот го водеше Александра Велинова, преводот на италијански јазик го проследи Маја Божиновска, додека на класична гитара се претстави Георги Трајков. Меѓу почесните гости беше и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
コメント