„Дијалектологот Конески“ – нова книга на Васил Дрвошанов
„Дијалектологот Конески“ е насловено најновото дело на лингвистот, критичар и поет Васил Дрвошанов од издание на „Бата прес милениум“. Според издавачот, во книгата за првпат детално се анализираат сите дијалектолошки трудови на Блаже Конески. Студиите и статиите што се предмет на анализа се објавувани во текот на четири децении, почнувајќи од 1948, заклучно до 1988 година, во различни реномирани списанија и зборници на македонски и на српски јазик.
„Со оваа книга од областа дијалектологија на македонскиот јазик се осветлува Блаже Конески како извонреден дијалектолог. Оценките за анализираните трудови се само патоказ до изворниците, коишто по начинот на интерпретацијата на дијалектниот материјал претставуваат модел за толкување на различни прашања од областа на дијалектологијата. Во најголем број случаи, тие имаат признак на првичност и претставуваат трајна вредност со вонвременско значење, бидејќи се ставаат во одбрана на македонската себепрепознатливост. Со книгата „Дијалектологот Конески“ авторот го потврдува исклучително големиот придонес на Блаже Конески во македонистиката, пречекорувајќи го своето време и македонскиот простор“, се наведува во најавата на книгата.
Дрвошанов докторирал пред 34 години. Негова тесна специјалност е научната дисциплина дијалектологија на македонскиот јазик. Тој е наградуван автор. Има објавено триесетина книги и 425 написи во периодиката од областа на македонистиката.
Comments