Дистрибуција на новиот филм на Столевски во Америка
Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“, во режија и по сценарио на Горан Столевски, на „Лист продукција“ – Скопје, ќе биде дистрибуиран на територијата на САД, преку компанијата „Фокус фичрс“. „Јуниверзал пикчрс“ ќе биде интернационален дистрибутер на филмот за другите територии, додека продажните агенти на филмот „Њу јуроп филм сејлс“ од Полска ќе го застапуваат филмот на територијата на Југоисточна Европа.
Веста за склучените договори за дистрибуција на филмот доаѓа пред неговата светска премиера, која ќе се одржи на 6 септември, на 80-то издание на Филмскиот фестивал во Венеција. „Домаќинство за почетници“ ќе биде дел од натпреварувачката програма „Хоризонти“ и ќе биде во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.
Ова е трет долгометражен филм на режисерот Столевски и прво негово македонско мнозинско остварување.
Comments