Динамо „украде“ тренер на хрватски ривал и го назначи за наследник на Бишчан
Хрватскиот шампион Динамо Загреб денеска го отпушти досегашниот тренер Игор Бишчан и експресно го назначи неговиот наследник. Тимот на нашиот Стефан Ристовски во иднина ќе биде воден од Сергеј Јакировиќ, кој ќе нема многу време за подготовки за следните предизвици, бидејќи веќе во четврток Динамо ќе игра против Спарта Прага. По елиминацијата од квалификациите за Лигата на шампионите, која и стави крај на мандатот на Бишчан во Динамо, „модрите“ ќе играат во плејофот на Лига Европа, а првата средба со Спарта ќе ја играат на домашен терен. Интересно е што Јакировиќ досега ја водеше Ријека, што значи дека Динамо го презема тренерот на еден од хрватските ривали, а против овој тим ќе игра следниот викенд. Јакировиќ и претходно беше во комбинација за тренерската позиција во Динамо, а зад себе има искуство како тренер на Зрињски, Марибор и Горица.
Comments