Динамо покажа сила во Европа: Ристовски и соиграчите ја преслушаа Астана
- Aleksandar Santovski
- Jul 26, 2023
- 1 min read
Динамо претрпе тежок пораз од Хајдук во дербито на отворањето на новата сезона во хрватската лига, но неколку дена подоцна, успеа да се рехабилитира со ново добро европско издание.
Тимот од хрватската престолнина е убедливо најуспешниот балкански клуб во Европа веќе подолго време, а таквиот статус го потврди и вечерва на натпреварот кој се одигра на „Максимир“.
Ниту дефанзивниот пристап на Астана не ги поколеба домаќините трпеливо да ја чекаат својата шанса, кои после неколку нереализирани прилики, беа максимално ефикасни во завршницата.
Стефан Ристовски погоди греда при резултат 0:0, но тоа што не му успеа на македонскиот дефанзивец, им појде од рака на Шпикиќ кој погоди за 1:0 во 36-та минута, за потоа Иванушец да постигне два гола за убедливи 3:0 на паузата.
Истиот играч постигна хет-трик и погоди за 4:0 во 56-та минута, со што практично го реши прашањето околу победникот на оваа средба. Динамо со огромна предност ќе патува на реваншот во Казахстан, па така само чудо може да го спречи од пласман во наредното квалификациско коло во Лигата на шампиони.

Comments