top of page

Димитриевски: Мислам дека го достигнувам врвот во кариерата, се надевам дека тоа ќе и помогне на Македонија!

28.05.2026 Maj Cetvrtok

Столе Димитриевски остави извонредни пет месеци зад себе како стартен голман на Валенсија, изданија со кои само покажа дека најверојатно брани во животна форма после лошиот период кој го имаше на „Месталја“.

Игнорирањата од тренерот Карлос Корберан само го натераа да ја извади најдобрата верзија од себе, а сега и самиот Столе смета дека е блиску до врвот, односно до најдобрата форма во кариерата.

Како еден од најсискусните во репрезентацијата, Димитриевски му правеше друштво на Гоце Седлоски на официјалната прес-конференција како најава за утрешниот меч со Босна и Херцеговина, натпревар на кој домаќините ќе тестираат за Светско првенство, а нашите избраници ќе темпираат форма за Лигата на нации во септември.

– До претходниот натпревар секое мое присуство на прес-конференција значеше „чиста мрежа“. Се надевам дека ќе се вратиме на тоа. Сега се подготвуваме за Босна и Херцеговина и сакаме да одиграме квалитетен натпревар во двата правци.

– Подолго време сум во добра форма и се чувствувам одлично. Мислам дека влегувам во најдобрите денови од кариерата. Кај нас голманите тоа доаѓа малку подоцна, но се надевам дека ќе продолжам во ист ритам и ќе ѝ помогнам на Македонија и на идеите на селекторот. Ќе видиме како ќе се развива натпреварот. Работевме на сите сегменти од играта, добро се подготвивме и направивме квалитетна анализа. Се надеваме дека ќе извршиме поголем притисок на противничката половина.

– Натпреварите од Лигата на нации што следуваат се најважни за нас, а Босна е селекција која по стилот многу наликува на репрезентациите што нè очекуваат во наредниот период. Новите фудбалери кои дојдоа во репрезентацијата поседуваат потенцијал. Треба постепено да се вклопат во тимот, а добро беа прифатени од нас поискусните. Потребно е да продолжат да работат, да се борат и да ја заслужат шансата да играат за Македонија и во следниот циклус, – порача Столе.


 
 
 

Comments


bottom of page