Димитриевски за својот сон: Сакам да ја завршам кариерата со настап на СП во 2030
Столе Димитриевски веќе некое време е голман број еден во македонската репрезентација, статус за кој се избори со одличните настапи во Шпанија.
Димитриевски веќе долго време е на Пиринеите и веќе Шпанија му е како втора татковина со оглед на тоа што неговата приказна со оваа земја започна пред повеќе од десет години. Токму поради ова Столе се надева дека овде ќе може да ја заврши репрезентативна кариера и тоа со настап на Светското првенство во 2030 година.
-Мојот сон е да ја завршам кариерата во македонскиот дрес со настап на Светското првенство во 2030 година, во Шпанија и Португалија. Тогаш ќе имам 36 години, -вели Македонецот за „ТелеМадрид“.
Инаку ФИФА допрва ќе треба да го одреди домаќинот на овој Мундијал, но Шпанија заедно во комбинација со Португалија, плус Мароко (Украина уште стои како опција) имаа реални шанси да го добијат овој голем настан во организација на Светската фудбалска федерација.
Воедно Кумановецот е спремен да остане во Рајо Валјекано до крајот на кариерата, но и понатаму.
-„Валјекас“ е посебен стадион, навивачите се посебни и многу сум горд што играм тука. Имам договор со Рајо уште една година и нема проблем да останам. Ако потпишам нов договор, можеби и кариерата тука да ја завршам. Дури и би бил тренер овде зашто немам проблем животот да го посветам тука, зашто „Валјекас“ ми даде многу“, -порача нашиот репрезентативец.
Comments