top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“

Познатиот македонски поет, романсиер, книжевен преведувач и издавач Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, која се доделува од страна на „Струшките вечери на поезијата“ за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Башевски е добитник на наградата за поетската збирка „Дни, години“ во издание на „Слово“. Жири-комисијата во состав: Веле Смилевски (претседател), Милован Стефановски, Славица Гаџова Свидерска, Трајче Стамески, Марина Мијаковска (секретар), по прочитот на сите 35 пристигнати книги направи заедничка селекција и во потесен круг од пет книги влегоа збирките (редоследот е според почетните букви од презимињата на авторите): Башевски Димитар – „Дни, години“, „Слово“; Коцев Јосип – „Две мориња“, „Антолог“; Михаилова Бошнакоска Гордана – „Мед и младост“, „Макавеј“; Трајкоски Дејан – „Филмски песни“, „Бата прес милениум“; Ќулавкова Катица – „На врв на јазикoт“, „Арс либрис“. По опстојна дискусија, жири-комисијата едногласно одлучи наградата да се додели за стихозбирката „Дни, години“ од Димитар Башевски. – Комисијата оценува дека наградената стихозбирка „Дни, години“ од Димитар Башевски, објавена во издание на „Слово“ од Скопје, претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија. Станува збор за книга со длабоки животни промислувања кажани преку на изглед едноставен поетски јазик. Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско-поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство. Песните на Башевски носат наталожени животни и творечки искуства вклопени меѓу кориците на една стамена книга на автор од формат чии резимирачки поетски изблици претставуваат густ и во исто време прочистен и прозрачен сублимат со слоевити значења и пораки. Тие и такви песни се своевидни „зборовни гнезда“, според една негова синтагма, кои имаат специфична улога: тие колку што одгатнуваат, толку загатнуваат, внесувајќи нѐ во неизречивото, до таа едноставна, „таа суштина чиста“. На тој начин стихозбирката „Дни, години“ се издига на степен на исклучително поетско дело со богата и модерна изразност на „проста и строга песна“ – пишува во образложението за одлуката.

Димитар Башевски е романсиер, раскажувач, поет, преведувач, издавач, роден во 1943 година во с. Ѓавато, Битолско. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методија“ во Скопје. Повеќе години работел како новинар, постојан дописник од Атина и уредник, а потоа како издавач. Бил директор и главен уредник на издавачката куќа „Култура“ и потоа главен уредник на издавачката куќа „Слово“. Од 2000 до 2006 година беше претседател, а потоа почесен претседател на Македонскиот ПЕН-центар. Башевски е автор на следните дела: „Туѓинец“, роман, 1969; „Враќање“, роман, 1974; „Нема смрт додека ѕвони“, роман, 1980; „Една година од животот на Иван Плевнеш“, роман, 1985; „Куќата на животот“, поезија, 1987; „Сарајановскиот каранфил“, роман, 1990; „Дневникот на Ања“, роман за деца, 1994; „Привремен престој“, поезија, 1995; „Братот“, роман, 2007; „Совладано време“, поезија, 1998; „Бунар’, роман, 2001; „Аголен камен“, поезија, 2005; „Во дланката своја си гледам“, поезија, 2010; „Прозорци“, роман, 2010; „Белег, сон“, избор поезија, 2010; „Мајсторот“, раскази, 2013; „Скршнувања“, поезија, 2016; „Круг“, роман, 2017; „Избрани дела во шест тома“, 2018; „Писма од карантин“, есеи, 2021; „Дни, години“, поезија, 2023.

Негови книги се преведувани и објавувани на англиски, чешки, грчки, романски, српски, турски, бугарски, црногорски и албански јазик. Избори од неговата поезија се објавени на англиски јазик во Лондон, на грчки јазик во Атина, на романски јазик во Букурешт и на српски јазик во Белград. Застапуван е во поголем број антологии на македонската литературa во земјата и во странство и во македонските енциклопедии. За своите книги, тој ги има добиено наградите „11 Октомври“, „Рациново признание“, „13 Ноември“, „Ванчо Николески“, наградата Роман на годината за романот „Бунар“, како и државната награда за долгогодишни остварувања „Св. Климент Охридски“. Романот „Бунар“ во 2002 година беше номиниран за меѓународната награда „Балканика“, додека книгата раскази „Мајсторот“ беше во најтесниот избор за меѓународната „Његошева награда“ за 2015 година. „Струшките вечери на поезијата“ оваа година ќе се одржат од 24 до 28 август во своето редовно издание на препознатливите локации.


2 views

Comments


bottom of page