Дејан Лилиќ во претстава во која се глуми на бугарски, македонски, српски и романски
Updated: Jul 13, 2021
12.07.2021 Juli Ponedelnik
„Ние сакаме да покажеме како со културата, со уметноста – границите немаат никакво значење и нашиот сон е да го бараме новото, да изградиме нешто, да направиме претстава што е универзална и разбирлива за сите народи. Користиме многу вештини за движење, многу визуелни работи беа користени од режисерот Никола Завишиќ, за претставата да биде подостапна и поразбирлива“, потенцира Васил Василев, директор на Драмскиот и куклен театар „Иван Радоев“ во Плевен, Бугарија, каде што театарската претстава “Чудото на Свети Георги“ имаше своја премиера
Драмскиот и куклен театар „Иван Радоев“ во Плевен, Бугарија, неодамна претстави проект кој го обедини регионот. Во театарската копродукција “Чудото на Свети Георги“ чија премиера се одржа кон крајот на минатиот месец, учествуваше тим од Бугарија, Србија, Романија и Македонија, а актерите глумеа на јазиците на балканските земји, поточно на својот мајчин јазик, па така на сцената во Плевен се слушаше македонски, бугарски, српски и романски јазик.
“Преку една нова театарска платформа што ја прави асоцијацијата “Седум плус“ учествуваше интернационална екипа, а јас бев гостин актер во претставата. Претставата во режија на Никола Завишиќ од Србија, е правена според драмскиот текст на македонскиот автор Русомир Богдановски. Бидејќи тематиката на претставата е верба и љубов, има многу интересни моменти. Интересно е што претставата е на различни јазици, меѓу кои и на македонски, а можеа да се видат различни гледања на театарски школи, но и на темата“, вели Дејан Лилиќ, кој е специјален гостин актер во претставата.
“Направивме одлична претстава која помина фантастично тие два дена за време на премиерата, одекна убаво и се надевам дека ќе ја види и македонската публика. Следната премиера е во септември во Ниш, во рамките на фестивалот “Театар на раскршќу“, а во октомври во Арад на фестивалот во Романија, а после е планот да се прави турнеја во Бугарија, Србија и Романија десетина дена каде би играла по два дена во секој град. Има покани и за фестивали во Полска, Русија, но и на некои други фестивали“, посочува Лилиќ.
Васил Василев, директор на ДКТ „Иван Радоев“, како што пренесоа бугарските медиуми, пред реализацијата на проектот изјави дека е потребно малку лудило за да се реализира оваа идеја, но тој е убеден дека тоа е вистинскиот пат во овој глобален свет. Според него, претставата „Чудото на Свети Гeорги“ е фантастична трагикомедија, духовита, смешна и апсурдна.
“Таа испреплетува многу народни теми кои се поврзани со Балканот. Парабола за крал и кралица кои се обидуваат да го поделат својот народ за да можат да владеат што е можно подолго. На крајот на краиштата, ние на Балканот секогаш сме биле повеќе поделени отколку обединети, или кога сме биле обединети, сме биле под странско владеење, затоа го бараме нашиот пат – патот на новото време. Ние сакаме да покажеме како со културата, со уметноста, границите немаат никакво значење и нашиот сон е да го бараме новото, да изградиме нешто, да направиме претстава што е универзална и разбирлива за сите народи. Користиме многу вештини за движење, многу визуелни работи беа користени од режисерот Никола Завишиќ, за претставата да биде подостапна и поразбирлива“, потенцира Василев.
Претставата е инаку, копродукција помеѓу Драмски и куклен театар “Иван Радоев“ од Плевен, Народен театар Ниш и Класичен театар„Јон Славјански Рад“- Романија.
Во актерската екипа учествуваат српските актери Драгиша Велковиќ, Драгана Јовановиќ и Марко Павловски и нивните романски колеги Марина Пали и Стефан Догару. За тоа какво е чувството при создавање на заедничкиот производ, актерот од Драмски и куклен театар „Иван Радоев“ – Плевен, Ентони Пенев истакна „Најневеројатното што се случи е тоа што се собраа од различни места луѓе кои не се познаваат едни со други, не знаат ништо едни за други, а станавме пријатели“, рече Ентони Пенев.
„Тука зборуваме за театар, не за претстава, не за експеримент, туку за вистински театар со актери од високо ниво кои знаат што прават и го прават тоа многу добро. Се сомневав, но благодарение на овој проект престанав да се сомневам и ние сме подготвени за повеќе вакви проекти затоа што тие се можни“, додаде актерката Бориса Сарафова.
Инаку, оваа гротескна игра се одвива во неименувано кралство (можеби некаде на Балканот), каде се води вечна борба за моќ за да се задржи народот во целосна послушност преку злоупотреба и манипулација со нивната вера. Но, што се случува кога ангелите, предводени од архангел Михаил, ќе му понудат на владетелот да ги напушти старите пагански верувања и да прифати нова религија што неверојатно потсетува на христијанството? Може ли целото кралство да ја смени својата вера преку ноќ? Колку чини цената на таквата промена?
Инаку, во претставата љубовта продолжува да лебди над сите карактери и ситуации како единственото преостанато оружје на доброто во борбата против глупоста, темнината и злото. (Д.Т.)
Σχόλια