ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ, СРЕБРЕНИОТ ОЛИМПИЕЦ ОД ТОКИО
Updated: Aug 11, 2021
10.08.2021 Avgust Vtornik
Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски (22) блесна на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, освојувајќи го сребрениот медал, со што испиша нова успешна страница во историјата за македонскиот олимписки спорт воопшто. Сребрениот медал на членот на клубот Бутел од Скопје е олимписки медал со најголема вредност во самостојна Македонија. Претходно само борачот Могамед Ибрагимов се закити со бронза на ЛОИ во Сиднеј 2000. Георгиевски не случајно стигна до овој голем подвиг. Скромното момче зад себе веќе има богата колекција медали, а токму таа посветеност, упорност и желба да се успее во поставената цел претставуваат и негови најголеми одлики на патот кон успехот.
Какво е чувството сега, откако еуфоријата и возбудувањето по големиот успех полека стивнуваат? Смени ли нешто Токио во вашиот живот? – Сигурно дека смени. Сега имам уште поголем мотив за работа и тоа многу добро ми доаѓа. Полека сфаќам што направив, станувам свесен дека се вивнав таму каде што ретко кој од овие простори бил. Еуфоријата сѐ уште трае. Но сето тоа што е поврзано со емоциите треба полека да спласнува, оти ме чекаат нови предизвици, кои се надевам дека ќе ги претворам и во нови национални радости. Првпат бевте учесник на Олимписки игри, какви се вашите впечатоците? Во Токио функционираше сѐ како еден часовник, организација каква што никогаш досега не сум видел, а Олимпиското село зрачеше со посебна енергија. Да се биде дел од место на кое се присутни најдобрите спортисти на планетата, претставува прекрасно чувство, кое тешко се опишува. Во 2018 година настапив и на Медитеранските игри, каде што освоив сребро. Секако дека тоа не е исто што и ЛОИ, но има одредени сличности и затоа приближно знаев што да очекувам. Дали повеќе ви пречеше или ви одговараше настап без публика? – Не можам да кажам ниту дека ми пречеше ниту дека ми одговараше, оти бев целосно фокусиран да стигнам до големото финалето, така што не ни обрнував внимание дали има или нема публика во салата. Очекувавте ли ваков еуфоричен пречек кога пристигнавте во Скопје? Очекував, затоа што ова е најголемиот спортски резултат во независна Македонија. Особено што следев и што се случуваше во Македонија додека уште траеја моите борби во Токио. По успехот, тоа се претвори во општа национална еуфорија, која засекогаш ќе ја паметам. Сѐ е како во сон. Премногу е убаво. Ветивте дека од Токио ќе се вратите со медал. Дали сега ветувате настап и нов медал и на ЛОИ во Париз во 2024 година? – Ова е спорт, сѐ е можно. Тоа што сега можам да ветам дека ќе го вложам сиот свој максимумот за уште една спортска „треска“ во Македонија. Се надевам дека не само јас туку повеќе македонски таеквондо-репрезентативци ќе ја исполнат олимписка норма за Париз 2024. Квалитетот го имаме, сега треба да нѐ поддржи државата и успехот ќе биде неминовен. Што по ЛОИ, каде и кога ќе бидат вашите следни натпреварувања? – Веќе денеска заминуваме на тренинг-камп во Ниш и полека почнуваме со планираните тренинзи. Во октомври ме очекува Г2-турнир, кој носи бодови за ЛОИ во Париз. До крајот на годината веројатно ќе се одржи и Светското првенство (СП) во Кина. Сепак, она што е значајно е дека моите тренери Борче и Дарко Костовски веќе го подготвуваат целокупниот план за следните ЛОИ, кој до крајот на месецот ќе биде презентиран. Сигурен сум дека планот ќе биде врвен и во насока да донесе нови олимписки медали.
コメント