Дехари го развеа македонското знаме на свеченото отворање на ЗОИ во Пекинг
Дардан Дехари го развеа македонското знаме на денешната свеченост по повод отворањето на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг на националниот стадион „Птичје гнездо“.
Дехари беше единствениот од македонските претставници на ЗОИ кој се појави на дефилето, бидејќи Ставре Јада и Ана Цветковска ја следат церемонијата од олимпиското село поради близок контакт со лице позитивно на ковид-19. Тие не се во карантин и се подготвени за почетокот на своите натпревари. Цветановска и Јада ќе учествуваат во нордиско скијање, а Дехари во алпско скијање.
Церемонијата почна со уметничка точка со која беше претставено доаѓањето на пролетта во Кина и голем огномет над стадионот со транспарент со натпис „Пролет“. Организаторите ја претставија и маскотата на олимписките игри, која ќе биде панда, чие природно живеалиште е во централно-западна и југозападна Кина.
На церемонијата, меѓу другите, присуствуваат кинескиот претседател Си Џипинг, неговиот руски колега Владимир Путин и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах.
Организаторите ја претставија и маскотата на олимписките игри, која ќе биде панда, популарната мечка чие природно живеалиште е во централно-западна и југозападна Кина.
На ЗОИ ќе настапат 2.900 олимпијци во седум спортови и 15 дисциплини.
Цветановска без настап на утрешната трка
Македонската олимпијка Ана Цветановска нема да настапи на утрешната трка во крос канти во дисциплините 7,5 километри слободно плус 7,5 километри скијатлон на Игрите во Пекинг, објави попладнево Македонскиот олимписки комитет (МОК), прецизирајќи дека одлуката за тоа ја донела Меѓународната скијачка федерација (ФИС).
– Само лимитиран број на спортисти во женска конкуренција ќе може да настапат на утрешната трка во оваа дисциплина. За жал, заради исполнетоста на квотите од страна на подобропласираните во оваа дисциплина, Ана Цветановска нема да може да настапи – соопшти МОК.
Својот единствен настап на зимската ЗОИ, која денеска свечено беше отворена, Цветановска ќе го има на 10 февруари во трката на 10 километри – класично. Трката е со почеток во 8 часот по средноевропско време.
Comments