top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Детскиот културен центар „Карпош“ одбележува 75 години

Детскиот културен центар „Карпош“ годинава прославува 75-годишно постоење. Тоа е малата скопска палата на булеварот Илинден, каде што од 1948 година до средината на минатиот век е пионерски дом, а денес детски културен центар, кој е реномирана градска институција. Здание полно со збиднувања, полно со доживувања, полно со детски желби, мечти, сонувања, здание полно со историја и позитивна енергија. – Карпошовци до ден-денес го исполнуваат аманетот на последниот потомок на семејството Али Драга, кој вели: „Да се чува куќата со љубов, дружба и слога, вредно да се работи и нови вредности во неа да се создаваат“. И тоа трае до ден-денес. Се создава, се твори и ќе се твори. За време на своето постоење, детскиот културен центар „Карпош“ зачува сè што е добро и го дополнува со современи креативни, модерни и интерактивни програми, секции и работилници што ги следат социјалните појави и трендови, во согласност со интересите на децата и младите. Цели 75 години расадник на таленти, 75 генерации деца,а денес имаме примери на неколку генерации. Многу карпошовци денес се познати актери, музичари, уметници…. Ретко кој од карпошовците не ја постигнал својата цел, не го остварил својот животен сон. Овој јубилеј им го посветуваме на оние што вредно работеле и дале свој голем придонес во развојот на ДКЦ „Карпош“, некогашните вработени, денес пензионери, а и на сегашните вработени што ги исполнуваат ветувањата и оставениот аманет – вели директорката на ДДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска. Во јуни се одржа третото издание на Фестивалот за класичен балет и модерен танц во организација на ДКЦ „Карпош“ и со поддршка на Град Скопје. Овој фестивал е единствен од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балетската уметност и модерниот танц. Фестивалската програма опфати класичен балет и мноштво современи стилови. Низ двете фестивалски вечери публиката имаше можност да проследи најразлични изведби на класичен и модерен балет од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и ООМБУ „Лазо Мицев-Рале“ од Кавадарци, како и изведбите на балетската секција на детскиот културен центар „Карпош“ и балетското студио „Балерина“. Оваа година за првпат имавме можност да ги проследиме изведбите на нашите гости од Словенија и од Косово.

– Таа разноликост на фестивалот придонесува за афирмација на танцовата уметност кај младата популација, запознавање со иновативната содржина во негување на танцот како уметничко средство на изразност, како и оцена на професионалните капацитети и ресурси за развој на танцовата уметност – вели уметничката директорка на фестивалот Маја Каревски, магистерка по балетска педагогија. Во јуни се одржа и фестивалот на детска креативност „Трамболини“. – Креативноста е клучна компонента на здравјето и среќата и една од основните вештини што треба да ги развиваме кај децата. Таа не е ограничена само на уметничките и музичките изрази туку е од суштинско значење и за природните науки, социјалната и емоционалната интелигенција. Креативните луѓе се пофлексибилни, подобро се справуваат и ги решаваат проблемите, што пак од друга страна ги чини поспособни да се приспособуваат на технолошкиот развој и промени. Растењето покрај консумеристичкиот маркетинг, сѐ почестите агресивни содржини и зголемената хиперактивност, визуелното и духовното загадување, бара нови точки на стабилност и инспирација и квалитетен водич до добри содржини и идеи. Затоа овој фестивал на креативноста се издвои од многубројните детски манифестации и приредби со поинаков концепт и содржина. Она по што е единствен е фактот дека има исклучиво квалитетни детски содржини, интересна програма, каде што децата можат да поминат квалитетно време, благодарение на богатите забавно-едукативни и културни содржини во текот на десет дена по завршувањето на учебната година – велат од ДКЦ. Во програмата е и „Зоо азбука 5“ – мултимедијален музичко-едукативен проект, каде што преку музика и ликовна уметност целта е да се издигне свеста кај децата за животните што се наоѓаат во нашата зоолошка градина, а финансиски поддржан од Град Скопје.

– Преку певливите едукативни рефрени и едукативната боенка, им ги доближуваме на децата елементите за грижа за животните што се раритет во Зоо-градината. Изминатите четири изданија „Зоо азбука“ 1, 2, 3 и 4, кои се реализираа со изработка на цеде-издание и едукативна боенка со текстови од песните и нотна тетратка со мелодии, кои можат да служат како наставно средство по наставниот предмет Музичко образование што се изучува во градинките и основните училишта на територијата на Скопје, се покажаа како многу успешни – велат од ДКЦ. Децата и публиката имаа можност да слушаат и да учат од зоо-негувателите на нашата зоолошка градина. В.Д.


2 views

留言


bottom of page