top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Десеттата сезона на „Стисни плеј“ му ја посветувам на Марко Марк

07.12.2020 Декември Понеделник

Александра Јовановска, телевизиски автор и водител

Мислам дека нашата приказна во ваков формат е сосема коректно да ја заокружиме по оваа десетта сезона и да размислиме дали и како можеме подобро понатаму, ги навестува Алексндра идните планови

Емисијата „Стисни плеј“ што се емитува на Македонската телевиија, а е една од ретките што континуирано ја промовира и поддржува македонската популарна музика, годинава ја одбележува јубилејната десетта сезона. Нејзина авторка и водителка е неуморната Александра Јовановска, која заедно со својот тим, секогаш е на вистинското место и со многу жар, сите изминати десет години им помага на македонски музичари, пејачи и групи на најдобар начин, често и премиерно, да ги претстават своите нови проекти.

– Есенскиот период од годината за нас е посебно емотивен и исполнет со многу убави спомени, бидејќи во месец ноември пред девет години започна со емитување „Стисни плеј“. Тој период од годината се случуваа и одбележувањата на нашите родендени преку специјални емисии и роденденски забави. И годинава подготвивме емисија во две продолженија, во која се навраќаме на минатите девет сезони на „Стисни плеј“, но одиме и повеќе од триесет години назад низ архивата на МТВ. Гледачите ќе ги потсетиме на времето кога со Марко Марк бевме водителска двојка во емисијата, но и на музичките емисии емитувани на програмата на МТВ низ годините како: „Видео метроном“, потоа популарните емисии од 1990-те години како „Шоуто мора да продолжи“, „Мислам дека имаме хит“, „Рок подиум“, „Не заспивај сега“ и „Топ 10“. Во првата емисија, што ќе се емитува вечерва во 21.15 часот се појавуваат: Вера Јанковиќ, Антонио Димитриевски, Иван Мирчевски, Гордана Куновска, Живкица Каленикова, Тони Танчевски и Соња Пандиловска – ни откри Александра.

Таа вели дека долго време размислувала да го направи овој чекор.

– Оваа идеја ја имам подолго време и јас никогаш не се откажувам од тоа што ќе го замислам, колку и да ми треба време за реализација. Ете дојде денот во оваа десетта сезона, во услови на пандемија, да се занимавам со нашиот досегашен придонес во афирмацијата на македонската музика, но и со емисиите со коишто јас растев, како и многу други генерации. Со сите колеги денес се познавам лично и ова е едно наше благодарам до големите професионалци од МТВ, кои пред нас ја заживувале македонската музика и култура воопшто преку авторски емисии. Телевизијата навистина е магија и реално зависи од техничката екипа и реализацијата, но секогаш главни се идеите и ентузијазмот на новинарите. Повеќе од кога гледам дека ова е земја на ентузијасти, многумина од нас би можеле да работат и нешто друго, и помалку и полесно, но ете тоа не е мојот стил. Повеќе од кога било треба гласно да го поддржиме нашето, и она минатото и сегашното, и да обезбедиме иднина за македонската музика – ни рече Јовановска.

За неа еден од најубавите периоди поврзани со емисијата биле деновите кога заедно со Марко Марк, како одличен тандем ја водеа „Стисни плеј“.

– Нашата дружба со Марко не заврши никогаш, ние сме постојано заедно, го чувствувам како дел од мојата фамилија, тој е многу значаен за мене, моја верна поддршка, се гордеам во каква личност прерасна тој низ години. Средбата во студиото беше повеќе од емотивна, не ги задржавме солзите, ама такви сме ние, искрени и полни со љубов кон работата, телевизијата, колегите и музиката. Всушност, јас и Марко никогаш не се одјавивме во „Стисни плеј“. Тоа беше крајот на нашата петта сезона, само паметам дека се гушнавме пред МТВ по снимањето на нашето последно заедничко издание и си ветивме дека еден ден повторно ќе се сретнеме. И тој ден ќе дојде, сега сме уште позрели и посериозни за нови, поголеми проекти – ни рече со доза на носталгија Александра.

Александра Јовановска и Марко Марк како одличен тандем ја водеа „Стисни плеј“

Таа ни откри и дека на почетокот не ни претпоставувала дека емисијата толку долго ќе трае.

– Интересно е што јас, знаејќи колку се нестабилни програмските шеми и променливи условите за работа во медиум, мислев дека успех е да издржиме една сезона. Бев сведок на проекти коишто пропаѓаа по неколку епизоди. Марко и тогаш зборуваше за десет сезони, а јас му се смеев. Затоа оваа наша десетта сезона му ја посветувам на Марк, на сите што искрено веруваат и не се откажуваат, а јас мислам дека нашата приказна во ваков формат е сосема коректно да ја заокружиме по оваа десетта сезона и да размислиме дали и како можеме подобро понатаму – открива Алексaндра.

Јовановска гледајќи еден чекор понапред и размислувајќи за своите идни планови и нови телевизиски предизвици, сепак, нема да ѝ каже збогум и на македонската музика.

– За македонската музика секогаш ќе бидам тука. Музиката сплотува, нѐ идентификува, а тие музичари што пред пет години ги дадоа своите први телевизиски интервјуа за „Стисни плеј“, е тие сериозно ќе нѐ придвижат напред. Од нив очекувам вистинска креативна револуција на македонската музичка сцена – вели Александра Јовановска. М.Т.




4 views

Comments


bottom of page