Десетта реприза, а Реал Мадрид и Ливерпул третпат меѓу себе ќе играат за титулата
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ФИНАЛЕ
Реал Мадрид и Ливерпул ќе играат во финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) на 28 мај на стадионот „Стад де Франс“ во Париз, вторпат во претходните четири години, по 2018-та, кога во Киев „кралевите“ ја освоија 13-та европска титула победувајќи ги „црвените“ со 3-1. Претходно, во 1981 година, во финалето во Париз, но на стадионот „Паркот на принцовите“, Ливерпул беше подобар од Реал Мадрид со 1-0 и ја освои третата од шесте титули. Лани, Реал Мадрид беше подобар од Ливерпул во четврт-финалето (0-0 и 3-1).
НОВ ВОЗБУДЛИВ МЕЧ ВО МАДРИД
Реал Мадрид го елиминира Манчестер сити во крајно возбудлив натпревар, во можеби едно од најинтересните полуфинални завршници во историјата на ЛШ, во кое беше на прагот на елиминација. До 90-та минута, Реал Мадрид беше во негатива од 0-1 и без ниту еден директен удар на противничкиот гол (Сити имаше девет). И тогаш, за две минути, во 90-та и во 91-та, Родриго постигна два гола, за потоа во продолжението, во 95-та минута, Карим Бензема да постигне уште еден, од пенал, за 3-1. Бензема сезонава постигна 43 гола (15 во ЛШ) и стигна до бројката од 322 гола за Реал Мадрид, само еден помалку од Раул. Најефикасен е Кристијано Роналдо со 430 погодока. Реал Мадрид, кој ја завери титулата во Ла лига, 35-та во клупската историја, по 17-ти пат е во финалето на ЛШ, најмногу од сите. Уште поимпресивен е податокот дека Реал Мадрид победи во претходните седум финалиња во ЛШ. – Се чини дека историјата на овој клуб ни помага да продолжиме кога се чини дека нѐ нема повеќе. Бевме блиску до пораз, но успеавме да ја пронајдеме последната енергија што ја имаме. Кога израмнивме, бевме во психолошка предност во продолженијата – рече тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, кој е првиот со пет финалиња во ЛШ (претходно во 2003, 2005 и 2007 година со Милан и во 2014 година со Реал Мадрид). За менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, кој со Барселона освои две титули првак на Европа, ова беше шеста елиминација во полуфинале од ЛШ (трипати со Баерн, 2014, 2015 и 2016, двапати со Барса, 2010 и 2012-та, и сега со Сити) со што се израмни со Жозе Мурињо. Ливерпул на сличен начин стигна до финалето. Против Вилјареал во реваншот, во првите 45 минути губеше со 0-2, но во вториот дел се врати, постигна три гола и се пласира во 10-то финале. Ливерпул има импресивна сезона, веќе триумфира во Лига-купот, а има шанси за освојување на ФА-купот и на титулата во Премиер-лигата. На 12-те натпревари сезонава во ЛШ, „црвените“ забележаа 10 победи, со по едно реми и пораз.
РЕПРИЗИ ОД 1959 ГОДИНА
Десетти пат ќе има реприза во финале на ЛШ и порано на Купот на шампионите и првпат меѓу себе по третпат ќе играат два тима, и тоа Ливерпул и Реал Мадрид. Двата клуба претходно играа во натпревар за титулата европски првак во 1981 (победи Ливерпул со 1-0) и во 2018 година (победи Реал Мадрид со 3-1). Реал Мадрид во 17-то финале ќе игра за рекордната 14-та титула, а Ливерпул во 10-то финале за седмиот трофеј, со кој би се израмнил со Милан. Во досегашните девет репризни двојки во финалињата, Реал Мадрид учествувал четири пати, па покрај новите дуели со Ливерпул по двапати во финале играл и со Ремс, Атлетико и со Јувентус (во трите случаја по две победи за Реал). Ливерпул, пак, учествувал во уште едно двојно финале, со Милан (по една победа и пораз). Другите репризни финалиња се Милан – Бенфика (две победи на Милан), Милан – Ајакс (по една победа за двата тима), Ајакс – Јувентус (по една победа за двете екипи) и Барселона – Манчестер јунајтед (две победи на Барселона). Првпат реприза на финале се одигра во 1959 година (Реал Мадрид – Ремс), следното по 31 година, во 1990-та (Милан – Бенфика), потоа и во 1995 (Милан – Ајакс), 1996 (Ајакс – Јувентус), 2007 (Милан – Ливерпул), 2011 (Барселона – Манчестер јунајтед), 2016 (Реал Мадрид – Атлетико), 2017 (Реал Мадрид – Јувентус) и во 2018 (Реал Мадрид – Ливерпул). Дуелот за европската титула годинава ќе биде шесто финале помеѓу екипи од Англија и од Шпанија.
Ново финале на „Стад де Франс“
Финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) сезонава ќе се игра на стадионот „Стад де Франс“ во Париз, кој е со капацитет од над 80.000 места. На тој стадион се одиграни уште две финалиња во ЛШ, во 2000 година, кога во шпанскиот дуел Реал Мадрид беше подобар од Валенсија, со 3-0, и во 2006 година кога Барселона го совлада Арсенал со 2-1. Стадионот, кој е еден од најголемите во Европа, беше изграден за потребите на Светското првенство во 1998 година, на кое Франција ја освои првата титула светски првак.
Ливерпул ќе биде „домаќин“
Според ждрепката „домашен“ тим во финалето во Лигата на шампионите ќе биде Ливерпул, што значи дека ќе настапи во традиционалните црвени дресови, а Реал Мадрид во белите. Фудбалерите на победничкиот тим ќе добијат 40 златни, а на поразениот 40 сребрени медали, додека победничкиот тим ќе го добие и пехарот, кој е висок 73,5 сантиметри и тежок 7,5 кг. – Можеби не станува збор за уметничко ремек-дело, но сите во фудбалот сакаат да го имаат во свои раце – вели неговиот креатор Јирг Стаделман. Л.Д.
Comments