top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Десет музички ѕвезди за главната вечер на јубилејниот 25-ти „Таксират“

„Таксират“, македонскиот најпосетен алтернативен музички фестивал, годинава прославува јубилејно 25-то издание. Овој голем јубилеј, најголемиот зимски урбан музички фестивал во Југоисточна Европа, го одбележува со многубројни концерти и настани, а денеска ја најавува и програмата за финалната вечер, со која на 7 декември ќе биде заокружена прославата четврт век „Таксират“ во Скопје. Главната вечер годинава ги собира „Таксират“-резидентите, имињата потпишани зад најмасовните концерти, артистите што дефинираа жанрови, но и станаа белег на „Таксират“ или уште поважно, екипата што на моменти одигра значајна улога во опстојувањето на фестивалот. На 3 сцени, кои ќе бидат поставени во скопската арена „Борис Трајковски“ со настапи на 10 музички ѕвезди, на главната вечер збирно место ќе има и новата генерација, актуелниот бунтовен звук, но и светската алтернативна, транскултурна електронска сцена. А таа на „Таксират“ годинава пристигнува од Франција со психоделично-ориенталниот електронски звук на ACID ARAB („Ејсид Араб“), парискиот музички колектив познат како транскултурен еклектичен спој на музичките стилови од целиот свет. Покрај нив, жанровската фузија во единствен уникатен звук ќе ни ја претстави и извонредниот DUB FX („Даб еф-икс“), австралискиот музичар, визионер, уличен уметник и општествен активист, кој на „Таксират“ ќе го промовира новиот долгоочекуван албум Infinite Reflection и, како што самиот нагласува, ќе ја претстави новата димензија на своите концертни настапи. Главната вечер на „Таксират“ е резервирана и за едни од најпочитуваните балкански изведувачи со убедливо најуспешни интернационални кариери, соработници и големи пријатели на организаторот „Пасворд продукција“ и музички уметници, кои се заслужни за најмасовните и за најенергичните настапи кај нас. Тука спаѓа еден од најдобрите бендови од регионот, „Дубиоза колектив“, секогаш импресивната екипа, која ги освои најголемите светски фестивали и повеќе од 20 години соборува рекорди со огромен број меѓународни концерти преку кои ја имаат освоено публиката од секој дел на планетата. Од македонската сцена, пак, тоа е маестралниот Кирил Џајковски, зачетникот на глобалниот феномен познат како Балкан бит, кој со своето повеќе од 20-годишно творештво се запиша на самиот врв на најценетите музички уметници од Југоисточна Европа. Покрај Кирил Џајковски, домашната сцена ќе ја претставуваат уште две легендарни имиња, кои се гордост на македонската музичка алтернатива, SMUT („Смат“), основоположниците на метал-кор музиката во Македонија и регионот, како и СТРАЈК, неприкосновеното рап-име од скопската андерграунд-школа. Од регионот, покрај „Дубиоза колектив“ и претходно најавените „ЛЕТ 3“ од Хрватска, на главната вечер ќе настапат и С.А.Р.С., алтернативната рок-група, која со иновативниот музички израз си го заслужи своето место како еден од најатрактивните изведувачи на регионалната музичката сцена, како и Смоке Мардељано, неприкосновен претставник на бунтовната генерација од белградскиот хипхоп, но и Мими Мерцедес, една од првите и најистакнати раперки од српската музичка сцена. Првото издание на „Таксират“ се одржа во далечната 1999 година. Приказната на скопските „таксиратлии“ почна од Младинскиот културен центар и преку изминатите изданија ги надживеа и ги обележа со култни концерти, „Сајмиште“, „Метрополис арената“ и дополнителните хали, низа концертни простори насекаде во Скопје и „Таксират“ сè уште е тука! Годинава, јубилејното 25-то издание се одржува со програма која вкупно брои повеќе од 60 концерти и настапи на разни локации во Скопје, а која ќе биде заокружена со финалната прослава и настапите на овие 10 музички ѕвезди во една главна вечер, на 7 декември, во арената „Борис Трајковски“. Билетите за главната вечер на „Таксират“ се веќе пуштени во продажба со најповолната супер промотивна цена од 700 денари, резервирана за најбрзите 1.000 купувачи во продажната мрежа на „МК тикетс“.


3 views

Comments


bottom of page