Денови исполнети со музички ѕвезди, инспиративни изложби, театарска претстава за деца, поезија
- Aleksandar Santovski
- Sep 16, 2022
- 3 min read
„Звукот на Скопје“ денеска и утре
Манифестацијата „Звукот на Скопје“, во организација на Културно-информативниот центар – Скопје, почнува вечерва и на градот му носи свежина и нова енергија преку содржините што ги нуди. Музички ѕвезди, инспиративни изложби, театарска претстава за деца, поезија… Плоштадот пред Филхармонијата („Мајка Тереза“) е местото каде што вечерва ќе настапат Констракта и „Земља грува“, која годинава ја претставуваше Србија на натпреварот за најдобра песна на „Евровизија“ и предизвика големо интересирање во регионалната, но и европската јавност и медиуми, со впечатливиот сценски настап, ангажираноста и пораките што ги испрати преку својата изведба. Нејзината оригиналност и писменост, која е „во судир“ со сета поп, фолк и турбофолк-музика распространета во Србија и во бившојугословенскиот регион, ја издигнува над постојните жанрови и нуди поинаков универзум. Според критичарите, нејзината музика се смета за „претставување на светот, земјата, климата, уметноста и културата на кои им припаѓаат таа и многу луѓе“. На настапот на Констракта му претходи младиот панк-бенд „Хајка“ од Скопје. Станува збор за бенд од помладата генерација, инспириран од минатото и бит-генерацијата. Досега имаат издадено едно ЕП и еден албум, а во подготовка е и вториот албум „Мека машина“. Младите музичари имаа забележителни настапи на „Здраво, млади“ и „Земјотрес“ и токму тие ќе го отворат „Звукот на Скопје“, а по нив следува настапот на „Дина Јашари и другари“, која е најголемото освежување на новата македонска музичка сцена. Извонредниот пристап кон пишувањето песни, прекрасните сонливи аранжмани, емотивните лирики, современата, модерна и свежа продукција и, секако, хипнотизирачките настапи во живо со полно право ја ставаат Дина на пиедесталот на новата локална музичка сцена. Минатата година го издаде своето прво EП насловено „Дома“, кое ја зацврсти на мапата како една од најталентираните млади артистки на Балканот.
Низ чаршијата, љубителите на класичната музика ќе имаат можност да го проследат настапот на гудачкиот квартет „Вива стрингс“. Овој класичен камерен состав го сочинуваат: Елена Талевска, прва виолина, Димитар Михајловски, втора виолина, Дубравка Зајкова, виола, и Дејан Теодосиевски, виолончело. Од своето оформување, целта на квартетот „Вива стрингс“ е заедничко музицирање, наоѓање алтернативен простор за сопствена афирмација, за сопствен израз, презентирање и етаблирање на сите негови членови. „Вива стрингс“ е редовен претставник на камерното музицирање и недвосмислено ги етаблира класичната музика и квалитетната уметност на пошироката публика. Неговите членови се дел од Македонска филхармонија, каде што важат за истакнати и докажани професионалци. „Диаз Војтас дуо“ ќе настапи пред стоковната куќа „Мост“, а за љубителите на ликовната уметност, Културно-информативниот центар – Скопје овозможува да се погледне изложбата „Mакедонија“ од бразилските уметници Даниел Kастинет и Вилсон Нето. Двајцата автори во 2019 година учествувале на уметничката резиденција „Де Ниро“ во Битола и оттаму ги пренесуваат своите скици и цртежи, материјални и нематеријални интернализирани визуелни и душевни записи. Нивната изложба „Македонија“ е разговор меѓу два света, покана за приближување и поместување на границите меѓу местата и културите, изложба што го слави пријателството. Двајцата уметници, со духот на блискоста, во своите дела биле водени од новите простори, кои ги содржеле старите византиски фрески, кули направени со лушпи од јајца, уличките и манастирите, статуите без глава, иконите со издлабени очи, џамиите… Тие зборуваат за нивните чувства, соништа, нивните села, нивниот светоглед. На плоштадот Ибни Пајко ќе може да се погледне и изложбата на колажи „Егзотика/Еротика“ на Игор Калц, кој на духовит и ироничен начин си поигрува со препознатливи визуелни елементи, креирајќи нова реалност. Калц преку случаен избор на симболи и значења (елементи на еротско, митско, мистично, фантастично, надреално…) создава неочекувана реалност во која лежи магијата и убавината на колажната техника.


Comments