Денес се сеќаваме на великанот Петре Прличко кој почина на денешен ден во 1995 година
Петре Прличко бил роден во Велес на 13 март 1907 година. Истакнат македонски глумец во повеќе филмови, театарски претстави и телевизиски екранизации. Сам по себе претставува вистинска легенда и зазема голем удел во македонското глумиште во XX век.
И покрај тоа што бил запишан во гимназија, Петре Прличко не останал долго време таму. Во 1923 година ја напушта гимназијата и се приклучува кон патувачката група на Михајло Лазиќ. Откако прошетал низ неколку театарски дружини, во 1931 година, охрабрен од начинот на кој го примила публиката, тој основа свој сопствен театар „Боем“.
Од 1939 година членувал во Народниот театар во Скопје, а од 1944 година во партизанскиот театар „Кочо Рацин“ кој подоцна прераснува во Македонскиот народен театар. Токму тука неговиот талент блеснува во полн сјај и тој станува најзначајната личност на македонската сцена во тоа време. Во меѓувреме го испробува својот талент и како театарски режисер.
Со филмот „Фросина“ (1952) тој го доживува своето филмско деби. Со своите импресивни комични трансформации и изведби на улоги на „човек од народот“ го истакнува својот посебен уметнички сензибилитет, на ниво на кое може да му завидат многу други наши глумци.
Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои наградите: АВНОЈ, „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, “Војдан Чернодрински” (за животно дело), Орден за заслуга (доделен од Георги Димитров), и други.
Во една прилика Петре Прличко изјави дека сепак ако мора да избере една улога како најдрага тоа секако ќе биде „Манданата“ т.е. неговиот лик во филмот „Мис Стон“, за која ја доби и наградата „Златна арена“.
Востановена е награда за животно дело „Петре Прличко“ која се доделува на глумец од средната генерација и таа се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и соодветна парична награда.
Во 2004 година Јелена Лужина објавила монографија за Петре Прличко, во издание на „Магор“.
Починал во Скопје на 16 ноември 1995 година.
Comments