Дембеле е првиот фудбалер кој го прекршил новото правило воведено од Чави
Чави Ернандес се врати на „Камп Ноу“ со јасна идеја и им порача на играчите дека следи период во кој ќе нема простор за шеги и несериозни однесувања, па во низата нови правила кој ги воведе во соблекувалната, посебно отскокнува она за раното пристигнување на тренинзите.
Новиот тренер бара од првотимците да пристигнат во тренинг центарот час и половина пред официјалниот старт на тренингот, кој денеска бил закажан за 10 часот наутро.
Изминативе три дена, сите играчи пристигнувале во договореното време, односно 90 минути пред тренингот, но угледните шпански медиуми откриваат дека денеска имало исклучок и еден играч го прекршил правилото на Чави поради кое ќе следи дисциплинска и парична казна.
Усман Дембеле е фудбалерот кој денеска последен пристигнал во тренинг комплексот со задоцнување од три минути (се појавил со автомобилот во 8 и 33), па медиумите од Каталонија информираат дека тој ќе биде првиот фудбалер кој ќе ги почувствува последиците од новите правила на Чави.
Французинот се наоѓа во процес на рехабилитација по новата повреда која ја заработи, а иако беше фудбалерот кој беше посебно прозван од Чави како клучен за неговиот проект, тој одново покажа доза на несериозност и сега прв го прекрши правилото.
Во минатото, во ерата на Кике Сетиен, Дембеле во неколку наврати беше јавно опоменат поради неговите константи доцнења на тренинзите.
Comentarios