Делата на Лубарда – тестамент во кој е втисната меморијата на постземјотресно Скопје
„Ова не е само обична изложба, било кажано во октомври 1963 година на отворањето на големата изложба – подарок на 26 слики од Петар Лубарда, во тогашниот Дом на синдикатите во Скопје. И еве, по 60 години, можеме да кажеме дека и ова не е само една обична изложба. Сега, по долго време, сме со сите 52 подарени дела од големиот југословенски и светски уметник, Лубарда“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на изложбата во Музејот на современа уметност во Скопје, која за јавноста ќе биде достапна до 31 март
Во Музејот на современа уметност во Скопје од завчеравечер е отворена изложбата на дела од Петар Лубарда, еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век. Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес пред присутните љубители на уметноста и голем број гости од јавниот и од политичкиот живот во земјава, е претставен сликарскиот опус на Лубарда, поточно неговите подарени дела.
„Ова не е само обична изложба, било кажано во октомври 1963 година на отворањето на големата изложба – подарок на 26 слики од Петар Лубарда, во тогашниот Дом на синдикатите во Скопје. И еве, по 60 години, можеме да кажеме дека и ова не е само една обична изложба. Сега, по долго време, сме со сите 52 подарени дела од големиот југословенски и светски уметник, Лубарда“, кажа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на настанот. Таа исто така посочи дека оваа изложба на дела што се предодредени на вечност, е тестамент во кој е втисната меморијата на постземјотресно Скопје и на Музејот на современата уметност, како синоними на светската солидарност.
„Уметничкиот гениј, кој со своите слики во 50-тите години на минатиот век предизвикал ново внимание во светот, исправен покрај Салвадор Дали, Хенри Мур и покрај Пабло Пикасо, трагично ја доживеал катастрофата на Скопскиот земјотрес и е меѓу првите што подале рака за поддршка, утеха и надеж. Вредности, кои трајно ги паметиме“, истакна Костадиновска -Стојчевска.
За црногорската министерка за култура Маша Влаовиќ со која претходно Костадиновска-Стојчевска ја потпиша новата Програма за соработка во областа на културата меѓу двете министерства за периодот до 2026 година, изрази задоволство што изложбата со подарени дела од Петар Лубарда е дел од програмата за одбележување 60 години од разорниот земјотрес што го погоди Скопје.
„Овој гест беше значаен и од аспект на формирањето на Музејот на современата уметност во Скопје, а може да се каже дека беше и иницијатива за создавање на оваа престижна институција, што особено нè радува. Врските меѓу нашите народи во поранешната држава беа силни и продуктивни, а сигурна сум дека тоа е случај и денес, за што сведочи и вечерашната изложба “, истакна Влаовиќ. Костадиновска-Стојчевска, пак, додаде дека преку ова партнерство претстојат програми со кои ќе продолжат универзалните пораки на Лубарда – за хуманост, заедништво, за моќта на уметноста која ги пробива историските граници.
Изложбата на дела од Петар Лубарда, која ќе биде отворена до 31 март, е резултат на соработката меѓу министерствата за култура на Црна Гора и на Република Македонија, Амбасадата на Црна Гора и Музејот на современата уметност – Скопје, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.
„Ми претставува чест што сум покровител на изложбата на доајенот на црногорската и југословенската современа уметност на дваесеттиот век, Петар Лубарда. Лубарда е меѓу првите најголеми дарители на Скопје, со што ја покажа својата хуманост и солидарност по катастрофалниот земјотрес во 1963-тата. Оваа изложба нè потсетува на потребата од обединетост и заедничко справување со глобалните предизвици“, истакна по повод изложбата претседателот Пендаровски.
Петар Лубарда, роден 1907, во Љуботињ кај Цетиње, Црна Гора, студирал сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живеел во Белград. Неговиот особено експресивен фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција, му донесе широко меѓународно признание, вклучително и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Пауло во 1953 година.
Како што додаваат од Музејот, по подолго време пошироката јавност има прилика да ги види сите дела на Лубарда од Колекцијата на МСУ, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на неговите изложби и донациите.
Куратори на изложбата се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. „Она што e особено значајно во неговиот уметнички израз е неговото драматично чувство за светот како целина во корелација со географските, социјалните, политичките и културните слоеви на местото на потекло, како и неговата епска ширина, неговата глобална визија и уметноста на спојување на националното и универзалното“, посочуваат тие.
Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
Comments