top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Делата на Ивона Велковска претставени во Свети Николе

03.06.2024 Junie Ponedelnik

„Осветлување, освестување, откривање, ослободување…“ е насловот на  самостојната изложба на Ивона Велковска, која неодамна беше претставена и во Свети Николе. Изложбата беше отворена од проф. д-р Јордан Ѓорчев, а настанот беше модериран од м-р Митра Мими Спасова, магистер по филолошки науки и Драгица Солунчева, професорка по филозофија.

„Како мото на моето излагање ќе ја поставам мислата: философијата е уметност во поими, уметноста е философија во симболи. Два аспекта на иста телеологија. Систаса на вистината и убавината. Уметноста на Ивона Велковска ја потврдува заснованоста на исказот… Нејзините слики се потрага по себеси. Таа се нурнува во себството, а ние, гледајќи во неа, се гледаме себеси. Во секоја слика одекнува хеленската максима Gnothi seauton, Спознај се себеси“, посочи Драгица Солунчева на отворањето на изложбата.

Магистер Митра Мими Спасова, пак, за изложбата кажа дека е вистинско задоволство да се биде дел од таа прекрасна уметничка гозба на која се задоволува жедта за естетика и убост.

Самата авторка посочува дека сликите се дел од повеќегодишен истражувачки процес, кој можеме да го разгледуваме и како вид дневник на визуелни записи на едно духовно истражување, патување, проникнување, разоткривање и манифестирање на различни нивоа на нашата свест и нашето постоење.

„Сликите произлезени од внатрешниот свет се трансформирани во апстрактен ликовен израз, кои носат ликовна универзалност, преку која го откриваме и оној дел од нас кој е секогаш безграничен, слободен, а кој во сегашното постоење и живеење изобилува со различни наметнати ограничувања, блокади, притисоци што ги доживуваме на сите нивоа: физичко, емоционално, егзистенцијално, енергетско, интелектуално, духовно…“, вели авторката Ивона Велковска.

Велковска дипломира на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 1999 година, во класата на проф. Рубенс Корубин. Како ликовен педагог и професорка во средното образование, таа учествува во многу државни и меѓународни проекти, изложби и манифестации во Република Северна Македонија и во странство. Нејзините дела се дел од бројни домашни и странски каталози и приватни колекции. Досега има реализирано пет самостојни изложби. Од 2008 г., таа е активен член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), а во 2015 е добитник на наградата за минијатура од НЛБ на „Миниартура“. Таа е учесник на повеќе од 80 групни изложби во Македонија и во странство.


0 views

Comments


bottom of page