Дела од тројца големи уметници од едно семејство на едно место, во Музеј-галерија Кавадарци
31.05.2024 Maj Petok Изложбата „Корени- три генерации Ташковски“
Огромен интерес предизвика отворањето на изложбата „Корени-три генерации“ синоќа во Музеј-галеријата во Кавадарци како своевиден празник на љубителите на уметноста особено што овојпат покрај најновите дела создаени во последните седум години на врвниот уметник од висок меѓународен ранг Васко Ташковски можеа да ги видат и делата на неговиот татко Ристо Ристовски еден од највпечатливите втемелувачи на македонската наива и делата на неговата ќерка Лара Ташковска.
Неверојатно креативниот посветеник на сликарството Ристо Ристовски, наречен „мајорот со генералски сликарски чин“, во својата краткотрајна петгодишна , импозантно активна творечка дејност (1976 – 1981) има создадено 314 слики. Тоа што од „немајкаде“ (здраствените проблеми , дијабетесот, ампутацијата на нозете и губењето на видот) на иницијатива на неговиот син Васко Ташковски, овој несекојдневен и вонсериски автор го интригира како воен пензионер, го воздигнува во само најсамопрегорните, највиталните, највпечатливите и најдостоиствените втемелувачи, основоположници на македонската наива – ќе напише во каталогот Гоце Божурски. Темите на Ристовски се поврзани со доживувањата од роднокрајниот селски амбиент длабоко врежани во потсве и неизбришливо меморирани уште во раното детство-семејната куќа, шталите и трлата ливадите и патиштата, градините и нивите, косачите, орачите, жетварките, тутуноберачите и гроздоберачите. Покрај домашниот инвентар „прегазен од времето“ тој е вистински мајстор за идилични предели и панорамски пространства во кои затскриено во бујната вегетација самуваат цркви и манастири, низ падините спокојно се напасуваат елени и срни. Ристовски обработува и сцени кои поседуваат носталгичен призвук, етно/фолклористика и елементи на социјалниот живот – вели Божурски.
Изложените слики на академик Васко Ташковски создадени во последните 7 години а некои сликани минатата година се работени по скици, цртежи и со нив, вели авторот, пополнува некои празнини од циклусите и темите кој ги работел во изминативе 60 години како што се: Корења и организми, Урбани мравјалници, Енергии во просторот, Стара Архитектура, Коњи, Охрид како инспирација, Човекот како пејзаж и . – Тие празнини можеби не се толку важни и забележливи за јавноста , но за мене се значајни. Јас ги чуствувам како празни дупки во мојот сликарски мозаик, кои треба да ги потполнам за да заокружам една завршна целина, што незначи и некакви ограничувања на таа тема – вели академик Васко Ташковски кој неуморно твори секојдневно и во неговата 87 година од животот , создавајќи прекрасни дела кои испраќаат вонвременски силни пораки до целото човештво.
Творештвото на Лара Ташковска тематски е разновидно, додека нејзиниот ракопис е карактерисичен и препознатлив како и на нејзиниот татко. Стилски во некои дела нејзиното сликарство е блиско на симболизмот, до магичната и ведра фантастика. Таа зема мотиви од секојдневниот живот и од соништата, ги осмислува, им дава нова содржина, нов живот на предметите во сликата. Работејќи на кристалите, Лара го кристализира нејзиниот ликовен израз во духот на симболистите. Нејзините маслени и акрилни слики се инспирирани од реалниот живот додека во нејзините акварелни слики доминира вегетацијата, односно магијата на природата донесена со лирско расположение, видено и креирано преку нејзината авторска призма. Карактеристично за нејзиниот ликовен израз е ведрата фантазија во сликањето на пејзажите, и тоа толку многу успешно го прави во сликите создадени во нејзиниот понов ликовен опус.
За тројцата автори, таткото, синот и внуката на отворањето на изложбата свое обраќање имаа директорот на Музеј-галерија Јаким Зимовски и кустос Трајче Цветков кои го истакнаа значењето на овој значаен културен настан кој на огромно задоволство и чест кавадарчани можеа да го проследат и да ја имаат привилегијата веднаш по изложбата во Македонската академија на уметностите изложбата да ја пренесат во Кавадарци.
Comments