Дела на 31 македонски уметник во палатата „Пизани-Реведин“ во Венеција
„Изложбата со делата на македонски уметници има за цел да ја продлабочи културната и уметничка соработка со градот Венеција, еден од најуникатните градови во светот, кој со својата импозантна и турбулентна историја пред сè е познат како град колевка на уметноста. Град каде што со децении наназад се одржува Венецијанското биенале – една од најважните уметнички манифестации во светски рамки“, посочуваат од Друштвото на ликовните уметници на Македонија
Во палатата „Пизани-Реведин“, во близина на мостот „Ријалто“, во самото јадро на уникатната Венеција, од вечерва, 19 јули (18.30 часот), ќе бидат поставени дела на 31 македонски уметник. Проектот се реализира на идеја и со кураторство на Љупка Делева, македонска уметница која живее и работи во Венеција, а беше инициран од големата поплава која во Венеција се случи во 2019 година кога градот бил поплавен во огромни размери и имал големи материјални штети. На апелот на Делева, триесетина македонски истакнати визуелни уметници подарија свои дела како израз на солидарност и емпатија која ги поврзува народите.
„Поради ситуацијата, предизвикана со пандемијата со ковид-19, замислената аукција од солидарен карактер тогаш не се реализираше,така што првичната идеја се преобрази во класична изложба со претставување на уметниците пред венецијанската јавност. Изложбата има за цел да ја продлабочи културната и уметничка соработка меѓу Македонија и градот Венеција, еден од најуникатните градови во светот, кој со својата импозантна и турбулентна историја пред сѐ е познат како град колевка на уметноста, каде со децении наназад се одржува Венецијанското Биенале – една од најважните уметнички манифестации кое ги опфаќа: Биеналето на уметност, архитектура и танц, како и Венецијанскиот филмски фестивал“, посочуваат од Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
Според Јана Манева- Чупоска, претседателката на ДЛУМ, проектот е исклучително значаен за соработка меѓу македонските и италијанските уметници, но и со градот Венеција.
„Во изложбата учествуваат членовите на ДЛУМ, а долги години наназад Љупка Делева им ја дава поддршката на нашите уметници кои учествуваат на настани во Венеција. Токму затоа со Одлука на годишното Собрание, на неколку наши уметници кои живеат и работат надвор од државата, а кои ги нарековме амбасадори на културата на ДЛУМ, им дадовме признанија. Покрај Љупка Делева, тука се и Ирена Паскали која живее во Германија и која таму организираше изложба на македонски уметници и Виолета Чаповска која е во Австралија, каде исто така се надеваме дека ќе биде реализирана изложба на македонски уметници, членови на ДЛУМ“, посочува Манева-Чупоска.
На изложбата се поставени делата на Ладислав Цветковски, Микица Трујкановиќ, Симонида Китановска, Нада Прља, Љупка Делева, Жанета Гелевска Вељановска, Гоце Наневски, Александра Димитрова, Крунислав Стојановски, Ана Спасова, Марина Лешкова, Страхил М. Петровски, Јана Манева-Чупоска, Ана Трајковска, Ива Станковска, Дарко Марковиќ (донација од Соња Абаџиева), Дијана Томиќ Радевска, Александар Таневски, Зоран Јакимовски, Борис Шемов, Венко Цветков, Колектив Зеро, Дороти Пачкова, Ленче Ламбевска Гулевска, Маја Димитрова, Дарко Аницин, Гордана Винчиќ, Таневска Тања, Предраг Тасиќ, Новица Трајковски и Виолета Чаповска.
На покана од Делева, на отворањето на изложбата Ирена Павлова Де Одорико, нашата позната писателка, критичар и новинар која живее во Венеција ќе чита поезија на македонски и италијански јазик, а италијанско-македонската фамилија Гарбин Јовановски од Венеција, ќе раскаже како им се роди идејата да се создаде италијанска верзија на хитот од Дац и Александар, „Уште ми фалиш” и за соработката со афирмираниот македонски оперски пејач во Италија, тенорот Благој Нацоски, при што песната беше препеана под името “Mi manchi ancora“…
Инаку, во последните 20 години во Венеција не се случил настан од културно значење а да не е поврзан со Биеналето или друга институционална размена, уште помалку иницирана токму од ликовен уметник за да ја промовира својата земја и нејзините културни и уметнички богатства како и своите колеги.
Делата на македонските уметници ќе бидат изложени во Палатата до 31 јули, а потоа подарени на Градот Венеција и ќе останат во трајна сопственост на Венецијанските цивилни Музеи.
Љупка Делева е визуелен уметник, позната на македонската јавност по многубројните самостојни и групни изложби во земјата како и во Венеција, каде што живее од 2001 година. Ова е прв нејзин проект во улога на куратор, но и учесник на изложбата, иницијатор и самостоен организатор. Проектот е плод на љубовта кон родната земја и нејзината промоција на културен и уметнички план. Таа е своевиден мост меѓу земјата од каде што потекнува, и нејзиниот втор дом, Италија, поточно Венеција, градот лагуна кој годинава го прослави својот 1602 роденден. (Д.Т.)
Comments