„Декамерон“, претстава полна со живот – за 73 години театар „Војдан Чернодрински“
Театарот „Војдан Чернодрински“ годинава ќе има и три премиери кои се поддржани со годишната програма од Министерството за култура. Се работи за претставите „Конкурс“ од авторот Александар Галин во режија на Владимир Милчин, која е финансирана со еден милион денари. Втората премиера која е поддржана со исто толку средства е „Големиот Гетсби“ од авторот Френсис С.Фицџералд, во режија на Дино Мустафиќ, додека за „Хамлет“ од Вилијам Шекспир во режија на Бранко Брезовец се издвоени 700 илјади денари
Со „Декамерон“, според Бокачо,, во режија на Мартин Кочовски, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, утревечер (18. февруари во 19:30 часот) ја одбележува годишнината вредна за почит – 73 години од своето формирање. На сцената на овој театар досега се прикажани околу 370 премиери, изиграни над 7.000 претстави, кои ги гледале над 1, 7 милиони луѓе…
„’Декамерон’ е претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух. Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин. ‘Декамерон’ е претстава полна со живот. Претстава која стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од ‘сега и тука’, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста”, велат во најавата на претставата од театарот „Војдан Чернодрински“ .
Драматизацијата на претставата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата е од Филип Јовановски, костимографијата на Јулијана Војкова-Најман, а за музиката е задолжен оркестарот на театар „Војдан Чернодрински“ под водство на Пеце Трајковски-Брада, додека вокал и музички соработник е Ана Митоска.
Улогите ги толкуваат: Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија С. Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски-Ашата, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.
Инаку, првата претстава во театарот „Војдан Чернодрински е „Кир Јања” од Ј. С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, која е одиграна на 18 февруари во 1950 година.
„Оттогаш, разните генерации актери, ределе премиери еднаподруга, нижеле успеси, а ансамблот се збогатувал со искуство. Најгледани и најиграни претстави во 73 годишното постоење се „Солунски патрдии” од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски и „Од кол на кол“ исто во режија на Коле Ангеловски, играни над стопати. Театарот низ годините постигна голем успех и со други претстави како „Колобан”, „Спиро Црне” „Арсениј”, „Полковникот птица”, „Тапани во ноќта“, „Змејовата невеста“, „Клетници“….
Во досегашната историја театарот освоил бројни награди на фестивали, меѓу кои на МТФ „Војдан Чернодрински“, на Експонто во Љубљана, на МЕСС во Сараево, во Никшиќ…
Театарот низ годините изведувал праизведби на текстови од македонски драмски автори. Тука за првпат се поставени текстовите на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески – Платнар, Трајче Крстески, Петар Петрески… Поставени се текстови од околу 140 автори, а најмногу се играни драмски дела од Васил Иљоски, Коле Чашуле, Миле Попоски, Брешан, Благоја Ристески-Платнар, Голдони, Гогољ, Нушиќ…
Денес, театарот очекува поддршка за целосна реконструкција на објектот, а заради пензионирање се соочува и со недостиг од актери.
Театарот „Војдан Чернодрински“ годинава ќе има и три премиери кои се поддржани со годишната програма од Министерството за култура. Се работи за претставите „Конкурс“ од авторот Александар Галин во режија на Владимир Милчин која е финансирана со еден милион денари. Втората премиера која е поддржана со исто толку средства е „Големиот Гетсби“ од авторот Френсис С.Фицџералд во режија на Дино Мустафиќ, додека за „Хамлет“ од Вилијам Шекспир во режија на Бранко Брезовец се издвоени 700 илјади денари.
Од театарот посочуваат и дека интересот за претстави во овој град секогаш бил голем, а салата полна. (Д.Т.)
Comments