top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Дебитантот Коморските Острови го елиминира фаворитот Гана

ФУДБАЛ – КУП НА НАЦИИ НА АФРИКА

Коморските Острови, земја со помалку од еден милион жители, распространета низ архипелагот во Индиски Океан, направи големо изненадување на Купот на нациите на Африка, во групата Ц, со победата над Гана (3-2), учесник на три светски првенства и која стигна до полуфиналето на шест од претходните осум купа на нации. Гана првпат од 2006 година е елиминирана уште во групната фаза. Репрезентацијата на Коморските Острови е дебитант на првенството и е третата најслаборангирана селекција од 24-те репрезентации на турнирот во Камерун, 132. на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), чија членка е од 2005 година. Коморите ја дочекаа првата победа по 2016 година, во 20-от обид, кога ја победија Боцвана (1-0) во квалификациите за Купот на Африка. – Целата земја се радуваше, целото население славеше до утринските часови. Коморите се земја во која фудбалот станува сѐ полуда работа. Без разлика кога тимот ќе се врати дома, тие ќе бидат одлично пречекани – изјави новинарот Ели Џума, кој го следи тимот на Коморите на турнирот во Камерун. Коморските Острови, кои ги загубија двата воведни натпревара, од Габон и од Мароко, се надеваат дека трите бода ќе им бидат доволни за да поминат во осминафиналето, како една од четирите најдобри третопласирани селекции. На Купот на нациите на Африка за обележување е и триумфот на Екваторијална Гвинеја над бранителот на титулата, Алжир (1-0), со што ѝ ставија крај на серијата од 35 натпревари без пораз. Во осминафиналето на турнирот се пласираа седумкратниот шампион на Африка, Египет, потоа домаќинот Камерун, како и Сенегал, Габон, Буркина Фасо, Гвинеја, Мароко, Брегот на Слоновата Коска, Нигерија, Мали, Гамбија, Малави и Зеленортските Острови. Синоќа се играа последните натпревари во групната фаза, по кои беа познати сите 16 селекции што ќе ги продолжат мечевите во осминафиналето, од недела.


2 views

Comments


bottom of page