Дебитантот Етеми на списокот на Милевски за решавачките мечеви
03.11.2021 Noemvri Sreda
Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, повика 24 играчи за последните два натпревара во квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар, против Ерменија и Исланд.
За овие квалификациски натпревари, селекторот нема да може да смета на Аријан Адеми и Бобан Николов, а во составот се враќа Енис Барди. На списокот има еден дебитант, Валон Етеми кој игра во турски Истанбулспор.
Македонските фудбалери на 11 ноември ќе гостуваат во Ереван, а три дена подоцна ќе го пречекаат Исланд.
– Ерменија е добро познат противник за нас. Не чека тежок меч и тие имаат шанси за второто место. Додека постојат и најмали шанси ние ќе се бориме за второто место – изјави Милевски.
Германија го освои првото место во групата Ј и се пласираше на СП 2022. За второто место, што води во доигрувањето, се борат Романија која има 13 бода, и Македонија односно Ерменија, кои имаат еден поен помалку.
コメント