top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Де Брујне – мајстор за скенирање

28.06.2021 Juni Ponedelnik

Кевин де Брујне го постигна победоносниот гол за Белгија на мечот против Данска (2-1) во групната фаза, но многу поголемо внимание предизвика неговата асистенција до Торган Азар за израмнувањето. Неговиот прв допир со топката остави двајца дански одбранбени играчи да лежат на тревата, а вториот допир со топката беше додавањето до Азар и голот. Телевизиските коментатори почнаа да се прашуваат како Де Брујне можел да го забележи својот колега кога се чинеше дека е концентриран на топката, по што тврдеа, јасно, на шега, дека играчот за врска „мора да има очи и на задниот дел од главата“.

Геир Јорде, професор на Норвешката школа за спортски науки, кој докторирал за улогата на видот, перцепцијата и исчекувањето во изведбата на елитно ниво, слушајќи ги таквите коментари, само се насмевнувал. Тој ја знае тајната. Де Брујне ја има совладано уметноста на скенирање, тоа мало движење на главата кога играчот привремено, за миг, погледнува настрана од топката, собирајќи информации како подготовка кога ќе ја добие. – Тоа беше фантастично додавање, но некои велеа дека тој го сторил додавањето без да погледне. Знаев дека не се во право дури и кога го гледав тоа во живо, бидејќи го видов како ја скенира ситуацијата. Почнав да го проучувам ова во 1998 година. Целата оваа работа е акумулирана, ние направивме толку многу работи за тоа, но светот навистина не знаеше за тоа сѐ додека не почнавме да ги објавуваме истражувањата во научни списанија, пред три до четири години. Неодамна, тоа стана попопуларно – вели Јорде.

Тој беше задоволен што го забележал брзото скенирање на Де Брујне во реално време. Но кога ја погледнал забавената снимка следното утро, ја сфатил вистината. – Погрешив, бидејќи мислев дека само еднаш скенирал. Кога се вратив на целиот напад, но само гледајќи го него, открив дека скенирал пет пати. Имаше уште четири дополнителни скенирања што ги пропуштив кога го гледав во живо, бидејќи го гледав како обична личност – појаснува Јорде.

Пред околу една деценија Јорде и неговиот тим студенти во Холандија следеле ситуации во кои биле инволвирани 118 играчи во Премиер-лигата и правеле споредби со холандските играчи, аматери. – Тоа беше едно од првите големи студии што ги направивме и откривме дека скенирањето прави разлика помеѓу играчите. Откривме дека играчите во Премиер-лигата се значително подобри во тоа од холандските аматери, што беше очекувано.

Но, исто така, откривме дека најдобрите играчи во Премиер- лигата беа подобри во ова од другите играчи во Премиер-лигата. Во тој случај, број еден и два беа Франк Лампард и Стивен Џерард. Тие беа најдобрите двајца скенери – истакнува Јорде. Лампард е интересен пример затоа што кога му биле предочени наодите од студијата на Јорде, тој рекол оти не бил свесен дека го прави тоа. Кога подразмислил, се присетил дека татко му му повторувал еден збор кога бил млад играч. Слики. Слики. Слики. – Она што го открив е дека многумина од играчите за кои се смета дека се навистина добри во тоа ја споделуваат истата приказна. Се сеќавам на интервјуто со Глен Ходл и за тоа што открил како млад играч кога го гледал Џими Гривс. Тој не ја гледаше топката, велеше Ходл, тој гледаше преку рамото. Сфатил дека тоа е важно. Како и сите вештини, по некое време сѐ станува автоматски и вие само го правите тоа, не размислувајќи. Скенирањето не ни кажува сѐ, бидејќи е многу сложено, но ни дава мал поглед кон визијата што ја имаат овие играчи – вели Јорде.

Тој таа одлика ја гледа кај некои од најдобрите млади играчи во светот. – Килијан Мбапе и Ерлинг Холанд се исклучително импресивни затоа што обично не се среќаваат напаѓачи што скенираат многу – вели Јорде.

Во сево ова има повеќе од скенирањето. Многу важен е и прецизниот временски рок, соодветното време. Еден играч уште зазема видно место кај Јорде, дури и го подучува професорот за некои нијанси и детали. – Првиот играч што навистина ми покажа како се прави тоа беше Кристијано Роналдо. Го гледав во Лигата на шампионите во Копенхаген пред неколку години и многу силен впечаток ми остави тоа што неговиот тајминг беше како часовник, како метроном. Неговиот соиграч ќе ја допреше топката и тој веднаш ќе погледнеше настрана. Тој беше првиот што ме натера да сфатам колку е комплексно и колку е тешко да се тренира тоа – вели Јорде.

Тоа е јадрото на проблемот за оние што се надеваат дека ќе го искористат неговото знаење. Тој е вклучен во работилници за едукација на тренери, во голема мера е вклучен во развојот на норвешкиот фудбал и во разговори со тренери низ целиот свет.


1 view

Comments


bottom of page