„Двојна скулптура“ – љубов на три генерации Јаневи; Возбудливо уметничко претставување пред гевгелиската публика
18.06.2024 Juni Vtornik
„Изложбата ‘Двојна скулптура – Ателје Јанев’, претставува сублимат на двајца квалитетни мајстори по професија вајари и наследничка-ученик која оди по стапките на своите мајстори. Уметноста на авторите, различна или слична, им овозможува да се изгубат во апстрактната идеја и да се пронајдат во реалната визија на материјата. Тројцата уметници создаваат уметнички дела кои имаат свое значење, и по својата содржина и изразување даваат придонес кон раѓање на битие, развивање на нов внатрешен живот, вдахнуваат душа, побудуваат чувства и емоции, некоја содржина и некој дух кој со акцент се нарекува ‘значење на уметничкото дело’“, вели м-р Александар Каракабаков, кустос и историчар на уметноста
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Националната установа Музеј Гевгелија и Уметничката галерија АМАМ организираа една несекојдневна изложба насловена „Двојна скулптура – Ателје Јанев“. Несекојдневноста на оваа изложба лежи во фактот што на неа, со свои уметнички дела, пред гевгелиските љубители на уметноста се претставија три генерации со уметнички порив на фамилијата Јаневи.
Просторот на Уметничката галерија АМАМ беше претесен да ги прими сите љубители на уметноста од Општина Гевгелија, кои и покрај топлото време, сакаа да бидат дел од едно вакво возбудливо уметничко претставување на три генерации кои творат во „Ателје Јанев“. Најмладата, шестгодишната Маре Јанева, родена 2018 година, член е на Ликовната секција при Пионерскиот дом во Гевгелија, која ја раководи м-р Александар Јанев, дипломиран вајар. Маре е редовен учесник на изложбите на Ликовната секција и вредно твори во ателјето „Јанев“, потоа нејзиниот татко, вајарот, м-р Александар Јанев, роден 1987 година, член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и претседател на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија, како и највозрасниот од фамилијата, академскиот вајар, Јордан Јанев-Дане, роден 1948 година, кој завршил Академија за применета уметност-отсек вајарство во Белград, во класата на професорот Миодраг Живковиќ.
За изложбата и делата кои се претставени на неа говореше м-р Александар Каракабаков, кустос и историчар на уметноста.
„Двојната скулптура – Ателје Јанев претставува сублимат на двајца квалитетни мајстори по професија вајари и наследничка-ученик која оди по стапките на своите мајстори. Уметноста на авторите, различна или слична, им овозможува да се изгубат во апстрактната идеја и да се пронајдат во реалната визија на материјата. Опстојуваат во негувањето на тишината и спокојот во душата, во кој ритуал го пронаоѓаат внатрешното битие и му дозволуваат да се разигра. Низ оваа комбинација и естетска визуелизација уметноста е нешто што не може да се долови со зборови, но сепак, колоритот, линијата, формата, материјалот, кои неминовно ни ги наметнуваат авторите во реалната лирска творба на делата, нè наведува на прекрасно чувство во опсервацијата на овие дела. Тројцата уметници создаваат уметнички дела кои имаат свое значење, и по својата содржина и изразување даваат придонес кон раѓање на битие, развивање на нов внатрешен живот, вдахнуваат душа, побудуваат чувства и емоции, некоја содржина и некој дух кој со акцент се нарекува ‘значење на уметничкото дело’“, рече Каракабаков.
Во име на „уметничката тројка“ на Ателјето Јанев, гостите на отворањето на изложбата ги поздрави Александар Јанев. Откако им се заблагодари на сите оние кои се внесоа несебично во организацијата на изложбата, тој истакна: „Чест ни е што дојдовте вечерва во толку голем број на оваа изложба. Скулптурите, сликите и делата кои се создадени од три генерации на нашето семејство, не се насловени од едноставна причина вие самите да имате свое видување и да дадете свој наслов на секое од овие дела. Во нив може да ја видите линијата, формата и пред сè третата димензија, но со ова тројно изложување на делата од Ателје Јанев, се надевам ќе може да ја пронајдете онаа најважната, четвртата димензија“.
Изложбата ја сочинуваат 15 црно-бели цртежи на Јордан Јанев-Дане, 26 скулптури на Александар Јанев и 6 слики во темпера на малата Маре.
Таа е дел од годишната програма на Музеј Гевгелија, а финансирана од Министерството за култура.
Comments