Две „четворки“ од Данска и Турција: Дали е ова реалноста на подновената Македонија?
- Aleksandar Santovski
- Jun 2
- 2 min read
02.06.2026 Juni Vtornik
Македонската фудбалска репрезентација врза четири натпревари без постигнат гол за првпат по 2015 година. На првите четири средби на новиот селектор Гоце Седлоски нешто не функционира во нападот, па двапати губевме со по 4-0 од Данска и Турција, а одигравме и две „нули“ против Ирска и Босна и Херцеговина. Последниот пат Македонија не даде гол на четири средби во септември и октомври 2015 година против Луксембург, Шпанија, Украина и Белорусија.
Факт е дека сите четири ривали во „ерата на Седлоски“ беа квалитетни, но факт е и дека порано сме се носеле дури и со поквалитетни противници. Македонија минува низ нов процес на своевидно подмладување, но не и класична смена на генерации. На последните собири, дури и пред доаѓањето на актуелниот селектор се појавија нови имиња кои треба да акумулираат искуство и да станат важни фактори за нашиот национален тим. Дополнителен проблем барем за овој мајско-јунски циклус беше неиграњето на капитенот Енис Барди кој во средниот ред секогаш го има главниот збор. Не смее ниту да се суди по пријателски натпревари, особено на вакви од подготвителен карактер на кои се „тестираат“ кој е „калап“ за репрезентацијата, а кој не.
Сепак, не може ниту да се прејде преку фактот дека Македонија делува како да заборави да нападне. И претходно сме играле против силни ривали, а кога перфектно ќе сме се одбранеле доаѓале нашите шанси, дали преку контра или од прекини. Сега делувавме „безглаво“, без доволна енергија и како да ни недостигаше компактност во транзиција и смиреност во одлучувачките моменти. За волја на вистината за разлика од дуелот со Босанците, во Истанбул барем се обидовме да се наметнеме. Имаше моменти кога сакавме да креираме повеќе од противникот, а најголемата шанса овојпат не дојде по противничка грешка, туку по наша акција. Реализацијата сепак изостана, па пак останува прашањето: Каде е проблемот?
Ретко кој од нашите репрезентативци е носител во тимот каде што игра и тоа веројатно е многу важно во нашата игра. Такви ситуации сме имале и порано, па со дисциплина и со надчовечки вложувања сме знаеле да изненадиме и „големци“ како Германија, Италија, Англија, Белгија...
Во моментов делува како такво нешто да е далечно, па се наметнува прашањето: Дали е ова реалноста на подмладената Македонија на Гоце Седлоски?






Comments