Две нови награди за Манчевски
Уште две нови меѓународни награди освои овој месец македонскиот режисер Милчо Манчевски, а неговиот најнов филм „Кајмак“ продолжува со фестивалските прикажувања и кинопремиери во Европа. Манчевски ја доби наградата за достигнувања во филмот на фестивалот БАНЕФ во Стокхолм, кој во образложението истакна: „Милчо Манчевски ја добива фестивалската награда за неговите филмски остварувања, за создавање слики што постојано ги доведуваат во прашање границите на жанровите, со избегнување конвенции, што кинестетички го канонизира како американски режисер во Европа“. Фестивалот вели и дека „Кајмак“ ги прикажува жените поослободени, похрабри, понезависни, а сурогат-мајките станаа вообичаен феномен“. Манчевски е годинешен лауреат и на фестивалот „Прв кадар“ во Зворник, БиХ, кој му додели плакета за придонес во развојот и промоцијата на кинематографијата во регионот. Вечерва, „Кајмак“ ќе го отвори фестивалот, а пред публиката ќе се претстават главните актери Ана Стојановска и Александар Микиќ. „Убаво е кога се мешаат разни култури, кога луѓе во други држави ќе се радуваат на македонска уметност, со наши актери, наши филмаџии, на македонски… Во уметноста нема мали и големи земји, има мали и големи дела“, изјави режисерот Манчевски. Истовремено, „Кајмак“ вечерва ќе се прикаже и на фестивалот ЕНФФ во Хаг, Холандија, а во разговор со публиката ќе ги претстават режисерот Манчевски и продуцентот Јане Ќортошев и копродуцентките Елс Ванде Ворст и Изабела Депевег. Веднаш по фестивалската проекција, ќе почне и кино прикажувањето на филмот во Холандија. Огромен интерес владее и за прикажувањето на „Кајмак“ во Лондон, каде што билетите за проекцијата на 29 ноември за распродадени за многу кратко време. На барање на македонската амбасада, „Кајмак“ ќе се прикажува во Лондон за студентите и за поширокиот академски аудиториум на University College London, а потоа Манчевски ќе има и разговор со публиката. „Кајмак“ 2024 година ја почнува во официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина. Покрај фестивалската турнеја со „Кајмак“, минатиот месец во Толедо, Шпанија, Манчевски одржа десетдневен семинар за филмска режија, за класата студенти на Институтот за филм на Шангајскиот универзитет и на шпанскиот Универзитет на Кастилја „Ла Манча“. Изминатава годинава Манчевски одржа серија мастер-класи на фестивалите во светот, од Токио преку Калабрија, Тирана, Торонто и други, кои предизвикаа особено внимание кај стручната јавност и публиката. „Кајмак“, кој досега освои шест фестивалски награди, е еден од македонските филмови со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и на Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска, Хрватска… Понатамошниот процес на пласман е во тек. „Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција, поддржана од „Еуримаж“, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, Црна Гора, САД итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и многубројни написи во локалните медиуми.
Comments