Даница Стојанова, директорката на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“: Градиме култура во нашата земја
Даница Стојанова, директорката на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“: Градиме култура во нашата земја и успешно ја претставуваме во странство
„Работата на ДМБУЦ ‘Илија Николовски-Луј’ претставува неодминлив и базичен дел од вкупниот образовен и музичко – сценски културен живот во Македонија. Нашите ученици се препознаени на повеќе меѓународни академии и се нивни стипендисти, благодарение на подлогата која ја добиле од нашиот образовен систем и професори, и секако на нивната посветеност и работа“, вели за весникот ВЕЧЕР пијанистката Даница Стојанова, директорка на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во пресрет на концертот по повод патрониот празник на училиштето што ќе се одржи, на 20 октомври (19 ч.), во големата сала на Филхармонија
На 22 октомври ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ го прославува својот патронен празник. Како директор на ова училиште кажете ни накратко нешто за неговото формирање, самите почетоци и значењето?
Одржувањето на првиот училиштен час во текот на 1945 година и предавањето на тема „Што е музиката“ од страна на Трајко Прокопиев го означил чинот на создавањето на институцијата која е мошне значајна и остварува големо образовно делување во нашата земја. Низ децениите на работата на училиштето, денес ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (Илија Николовски Луј бил директор на Училиштето во периодот од 1948 до 1973 година), е единствен училиштен центар во кој се образуваат кадри од музичката и балетската уметност. Во овој континуиран временски период, до денешни дни, учениците од овој центар го претставуваат јадрото и основата за работата на високообразовните, професионалните и институционалните форми во Македонија. Работата на нашиот центар во кој се спојуваат сите интенции за современо музичко и балетско образование насочено кон масовна едукација за музичко-балетската уметност и професионалното насочување на учениците, подразбира соодветна комплексност и бележи значајни остварени резултати на образовен и културен план. Работата на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ претставува неодминлив и базичен дел од вкупниот образовен и музичко-сценски културен живот во Македонија.
Како годинава, во услови на пандемија, која за жал уште трае, ќе го одбележите овој значаен датум за училиштето?
Овој вид на чествување има посебна важност за нашата институција, пред се’ почитувајќи ги изминатите децении на работа и делување на педагошкиот кадар и развојот на нашиот центар и секако современите стремежи и неговото големо значење во градењето на културата во земјата. Првпат Концертот по повод патрониот празник на нашето училиште ќе се одржи во салата на Филхармонијата, в среда на 20 октомври, со почеток во 19 часот. На концертот ќе настапат прекрасни млади уметници од одделите на нашиот центар: од клавирската класа, насоката за традиционална музика и игра, класата за дувачки и ударни инструменти и соло пеење, класата за гудачки и жичани инструменти, како и настапот на камерниот оркестар „Луј“ и на мешаниот хор на ДМБУЦ “Илија Николовски -Луј“, кои беа одбрани по пат на аудиција. Ќе бидат изведени дела од различни музички епохи со мошне солидна уметничка програма и изведби соодветни за овој настан.
Оваа образовна установа помина долг период на раст и развој во кој се образовани генерации врвни музичари и балетски уметници кои низ годините ја афирмираа Македонија во светски рамки. Сметате ли дека македонските таленти и нивното знаење доволно се препознаваат и ценат во светот?
Да, благодарение на солидното образование, повеќемина сме изнедрени од нашето училиште. Денес ние ја претставуваме нашата земја и на концертните подиуми во странство и ја градиме културата во нашата земја. Меѓутоа, секако дека треба многу повеќе да се работи во оваа насока, бидејќи музичко-балетското образование и уметност во светски рамки се движат нанапред, а ние сметам дека заостануваме во оваа насока, каде што државноста, институционалниот надзор и соработка се на повисоко рамниште, а самата државна логистика се занимава повеќе со културата и влијае кон развојот на уметничкото образование, наметнувајќи ја важноста на културата и културниот развој на поединецот во општеството. Нашите ученици се доста препознаени на повеќе меѓународни академии и се нивни стипендисти, благодарение на подлогата која ја добиле од нашиот образовен систем и професори, и секако на нивната посветеност и работа.
Колкав е интересот на младите за запишување во ова училиште?
Морам да истакнам дека особено сме задоволни од големиот интерес на учениците за запишување во нашиот центар. Во овој период забележавме дека е зголемен интересот за упис во нашето училиште (во основниот оддел). Сите ние како професионален наставен кадар и музички уметници кои настапуваме на концертните сцени кај нас и во странство со голема посветеност и ентузијазам работиме кон поттикнување и развивање на љубовта кон музичката и балетската уметност и нивното изучување кај учениците. Оваа едукација позитивно влијае во развојот на интелектуалните и емоционалните вештини на децата, а со нејзиното учење се развиваат голем број функции кои се одговорни за комплексен начин на размислување. Овие остварувања сметам дека се резултат на исклучителниот професионален однос и на генерациите на професори и музичко-балетски уметници кои го градеа и развиваа нашето училиште и на особената лична и заедничка работа на сегашниот наставен кадар. Нашите стремежи се одвиваат во насока кон уште повисоко креативно и професионално вреднување и изучување на музичко – балетската уметност и како такви сакаме да посочиме и да се наметнеме на општеството како единствено и посебно училиште со висока образовна стратегија.
Со оглед дека станавте прв човек на оваа образовна установа во најтешкиот период, во екот на корона кризата во Македонија, со какви предизвици се сретнавте и што се презема за подобрување на условите за работа, но и за начинот на образување на самите ученици?
Овој исклучително тежок период на површина ја истакна чувственоста на животот, неговата вредност и нашето емоционално облагородување. Но, и покрај сите тешкотии, јас континуирано сум навикната на предизвици и справувања со нив. Дури и во најтешките периоди се водам од единството на моето битисување, а тоа е љубовта воопшто кон уметноста, духовноста, хуманоста, емпатијата и сè што е добро за иднината на човештвото. Секако дека како образовна институција во целост ги почитуваме мерките и препораките на здравствените власти и на Министерството за образование. Со задоволство истакнувам дека педагошката дејност тече редовно и без некои тешкотии, со одржување на концерти, семинари, музички работилници и др. Исклучително сум среќна и задоволна што за краток временски период успеав да воспоставам линк со ресорното министерство и министерката Мила Царовска, која прва го слушна гласот на нашиот центар и нè поткрепи со финансиска поддршка и купување на нов инструмент – концертно пијано „петроф“. Во понатамошниот период следуваат соработки со интернационални школи и академии. Јас како раководител нема да го заобиколам ниту Факултетот за музичка уметност, со кој што сметам дека треба да се отвора пат за многу поголема соработка и не само со нив, туку и со сите други културни институции, бидејќи ние сме сите едно. Ние сме должни да соработуваме и да се помагаме едни со други, бидејќи тоа е единствениот пат за да придонесеме кон воздигнување на културата во нашата земја и во нашата фела. (Д.Т.)
Comments