Даниел Крег за последен пат како Бонд: „Не е време за умирање“ конечно пред публиката
06.10.2021 Oktomvri Sreda
Долгоочекуваниот најнов филм за најпознатиот (филмски) агент на светот – Џејмс Бонд светска премиера имаше на 28 септември во Лондон, а од утре во скопските кина ќе може да го погледне и македонската публика…
Македонската публика од утре во скопските кина ќе може да го погледне долгоочекуваниот најнов филм за најпознатиот (филмски) агент на светот – Џејмс Бонд – „Не е време за умирање“ (No Time to Die). Од кината Синеплекс посочуваат дека според интересот на публиката за македонската премиера на оваа американско-британска акција, во режија на Кери Јоџи Фукунага, а каде главниот лик за последен пат го толкува Даниел Крег, очекуваат голема гледаност.
„Од денес во ‘Синеплекс’ (Cineplexx), почнува прикажувањето на 25-от филм на Џејмс Бонд во кој за последен пат ќе го гледаме Даниел Крег во главната улога на агентот 007. Филмовите за Џејмс Бонд имаат особено голем интерес кај нас, претходните два филма се најгледаните филмови во историјата на киното. Според бројот на продадени билети за првите два дена, очекуваме и овој филм да биде меѓу најгледаните за оваа година“, велат за весникот ВЕЧЕР од киното „Синеплекс“.
Инаку, во ова продолжение славниот агент Бонд повеќе не е во активна служба и го ужива слободниот и мирен живот на Јамајка. Но неговиот мир е краткотраен кога неговиот стар пријател Феликс Лајтер од ЦИА се појавува и го моли за помош. Се чини дека мисијата да се спаси киднапиран научник излегува далеку поопасна од очекуваното, водејќи го Бонд на патеката на мистериозен негативец кој е вооружен со нова опасна технологија.
Покрај, Крег, во „Не е време за умирање“ улогите ги толкуваат и Наоми Харис, Леа Сејду, Рами Малек, Лашана Лич, Ралф Фајнс, Ана де Армас.
Инаку, премиерата на 25-от филм за Бонд беше на 28 септември во Лондон. Филмот беше нестрпливо очекуван од публиката и љубителите на овој серијал зошто неколкупати беше одложуван поради пандемијата, а од неговото снимање првично се откажа и режисерот, оскаровец Дени Бојл, па филмот го презеде Фукунага. Даниел Крег говорејќи за Би -Би -Си Радио 5 во живо на црвениот тепих, рече дека улогата е „неверојатно важна за историјата на кинематографијата, а тежината од тоа е на моите плеќи веќе некое време“.
Како што пренесоа светските медиуми, пак, новото продолжение од серијалот за британскиот агент споредено со сите 007 филмови досега постигнало најголемиот успех за време на првиот викенд на прикажување во Велика Британија. Петтиот настап на Крег како агент 007 е со заработка од 21 милион фунти помеѓу петокот и неделата. „Не е време за умирање“ со тоа го надминал „Скајфол“, кој заработил 20,2 милиони фунти во првиот викенд и „Спектра“, кој заработил 19,8 милиони.
Повеќето критичари го пофалија филмот, а многумина дадоа критика со пет ѕвезди по големата свечена премиера во Лондон, на која се појавија дури и членови на кралското семејство. Принцот Вилијам, Кејт Мидлтон, принцот Чарлс и Камила се појавија заедно на премиерата на најновиот Џејмс Бонд филм во Ројал Алберт Хол. Сепак, постојат и сугестии дека филмот не го оправдал траењето од 163 минути. Премиерното негово прикажување во САД, пак, е закажано за 8 октомври.
Како што е познато, серијалот Џејмс Бонд се фокусира на измислен агент на британската тајна служба, создаден во 1953 година од писателот Ијан Флеминг, кој го прикажа во повеќе романи. Од почетокот на филмскиот серијал, пак, повеќе актери ја имаат толкувано улогата на тајниот агент 007. Шон Конери првпат во оваа улога играше во 1962 и глумеше во следните седум филмови. Роџер Мур продоложи од 1973 до 1985 година. Дејвид Нивен и Џорџ Лазенби го глумеа по еднаш во 1960-ите, додека во два наврати Тимоти Далтон беше во главната улога. Даниел Крег го наследи Пирс Броснан, а дебитираше како Бонд со „Казино Ројал“ во 2006. Оттогаш играше во „Трошка утеха“ (2008), „Скајфол“ (2012) и „Спектра“ (2015). (Н.И.Т.)
Comments