„Дамски гамбит“ нема да има втора сезона
Мат! Нетфликсовиот хит „Дамски гамбит“ освои 11 награди „Еми“, вклучувајќи ја и наградата за најдобра драмска минисерија, но нема да се врати во втора сезона. На големо разочарување на фановите, извршните продуценти на серијата Скот Френк и Вилијам Холберг потврдија дека приказната за шаховското чудо Бет Хармон (Ања Тејлор Џој) го достигна својот природен крај. „Ја раскажавме приказната што сакавме да ја раскажеме и сметам – дозволете ми да го кажам ова поинаку – стравувам дека ако се обидеме да кажеме нешто повеќе, ќе го уништиме она што веќе го кажавме“, рече Френк во текот на виртуелен панел. Оваа вест не треба да биде изненадување за многумина со оглед на тоа како серијата заврши прилично добро за Бет, која не само што ја постигна една од нејзините најголеми цели, туку и се помири со траумата што го прогонуваше нејзиното минато. Мини серијата, насловена по шаховски потег, следи харизматична генијалка која влегува во светот на шахот каде доминираат мажите. Дејствието се одвива во 60-тите години на минатиот век. Вработен во сиротилиште го открива талентот на малата Бет, која подоцна станува шаховско чудо. Најголемата sвезда во серијата, можеби повеќе од главната протагонистка, е самиот шах бидејќи серијата му донесе гламур на спортот, кој инаку добива малку внимание. Една од причините за големата гледаност на оваа серија е тоа што става женски играч во преден план, реткост во светот на натпреварувачкиот шах.
留言