Далиќ: Јас сум виновен кога играме лошо, а немам никаква важност кога освојуваме медали
20.06.2024 juni Cetvrtok
Златко Далиќ во изминативе седум години се научи да биде често критикуван од домашните медиуми, особено кога хрватската репрезентација ќе влезе бавно на еден голем турнир како што е случајот сега во Германија.
Иако цела хрватска јавност го пофали изборот на Далиќ околу играчите кои ќе настапат на Европското првенство, сега голем дел од медиумите го критикуваат и велат дека им дава предносот на играчи поради остварени заслуги во минатото, а таквите натписи секако не го оставаат рамнодушен селекторот кој донесе огромни успеси за својата фудбалска нација на последните две Светски првенства.
– Во репрезентацијата играат оние кои заслужуваат. Во националниот тим играте поради заслуга, а не поради нешто што е направено во минатото. Додека сум жив ќе им бидам благодарен на повозрасните играчи во тимот, но тие ќе играат онолку колку што заслужуваат. Не велам дека секогаш сум во право, но тоа се мои одлуки и стојам зад нив.
– Кога го правевме списокот, речиси сите се согласивте со мене. Некои играчи имаат повеќе кредити, но играат оние кои се најдобри. Не се однесувам како татко кон дел од играчите, ако го правам тоа, ќе испадне лошо за репрезентацијата.
– Се научив да добивам и да трпам критики. Добив повеќе критики од пофалби во изминатите седум години, иако имавме далеку повеќе успеси, отколку лоши моменти. Тоа е нашата реалност и подготвен сум да се носам со тоа. Кога губиме и играме лошо, јас сум виновен и ја преземам одговорноста. И сега е така и добро се носам со тоа. Исто така сум свесен дека мојата улога и моите заслуги се никакви кога освојуваме медали. Свесен сум дека за јавноста јас сум во тимот само случајно, – изјави Далиќ.
Comments