Дали Чарлс е последниот британски крал
Младите генерации, кои треба во него да го видат она што нивните родители, баби и дедовци го гледаа во Елизабета, за Чарлс знаат главно она што го виделе во серијата „Круна“ на „Нетфликс“. Знаат дека неговиот живот е обележан со љубовниот триаголник и трагичната смрт на обожаваната принцеза Дијана. Според „Вашингтон пост“, кралот е далеку помалку популарен од неговата мајка и мора да ја обезбеди иднината на Домот на Виндзор, без да го доведе во прашање опстанокот на монархијата. Весникот смета дека му претстојат тешки времиња на кралот поставувајќи го прашањето што еднаш го изговори неговата поранешна сопруга Дијана: „Може ли тој да биде крал на срцата на луѓето?“ Според многумина, смртта на Елизабета Втора го означи почетокот на крајот на врската со британската монархија, која таа ја изгради и зачува цели 70 години. Новата химна вели дека Бог го штити кралот, но – дали Британците ќе го заштитат? Невозможно е да се игнорираат оние што носат транспаренти на улиците: „Тој не е мој крал“. „Укинете ја монархијата“. Тој го носи товарот на славата и недостижната харизма на својата мајка, факт што, најверојатно, повеќе му се допаѓа на неговиот постар син Вилијам. Чарлс со децении го носеше неблагодарниот епитетот на крал во чекање. За Чарлс Трети, важен е балансот меѓу модернизацијата и одржување на прастарата мистика на кралството. Од самиот почеток тој се претставува помалку недостижен од својата мајка и покажува малку повеќе емоции за својата улога. Според „Њујорк тајмс“, Чарлс ја изгради својата империја пред да го наследи кралството. Својот имот, познат како Војводството Корнвол, го претвори во најпрофитабилен семеен бизнис со помош на голем тим менаџери.
Comentários