Да се биде сам среде мноштво луѓе е најтешкото чувство
Димитар Башевски, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“
Македонскиот поет, романсиер, книжевен преведувач и издавач Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, која се доделува од „Струшките вечери на поезијата“, за поетската збирка „Дни, години“ во издание на „Слово“. Башевски има повеќе од 20 објавени романи, стихозбирки, есеи, раскази. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1969 година. Долги години работел како новинар, уредник и постојан дописник на весникот „Нова Македонија“ од Атина. Бил директор и главен уредник на издавачката куќа „Култура“. Сега е главен уредник на издавачката куќа „Слово“. Член е на Македонскиот ПЕН-центар и бил негов претседател од 2000 до 2006 година.
Имате плодно творештво и награди зад себе, меѓутоа ова е прва награда за поезија. Што претставува за вас наградата „Браќа Миладиновци“?
– Таа го носи името на браќата Миладиновци, двајцата стружани, преродбеници, едниот виден учител, другиот поет и фолклорист. На она што се тие и што го правеле во преродбенскиот период и што останало да живее до денес се засноваа „Струшките вечери на поезијата“. Со песната „Т`га за југ“ на Константин, која ја знаеме сите напамет, секоја година почнуваат вечерите. Со тие вечери 62 години живее Струга, Македонија, па веќе и поетскиот свет. Оттука, наградата ми е многу драга, се доделува, како награда, веќе 60 години и ја имаат добиено видни македонски поети.
„Ние сме сите и секаде, никој не е еден… Со светот во кутиче, секој сам“, велите во една песна. Што е потешко, да се биде сам со сите или сам со себе?
– Животот, просто, се фрагментира. Новото технолошко време не фрла фокус на она што е заедничко, ги трга настрана приказните како комуникација меѓу луѓето, се изгуби вкупната, целосна егзистенција, се разбива јадрото на таа таква егзистенција. Човештвото знае за примери каде што во преден план се заедништвото на искуството и целта на животот, емоционалната состојба на среќа, моралната идеја за добро, здравје, естетските димензии за рамнотежа, хармонија и убавина. Тоа сака да се опее во мојата песна „Празник“, во која светот се доживува како целина и никој не е сам и тоа е она што се честита како празник, додека во ова дигитално време честитката оди за андроид-платформата, која прави луѓето да бидат во мобилното кутиче секој сам. Тоа егзистенцијално цело никој подобро и поцелосно, на својот особен начин, не може да го прикаже отколку уметноста, особено литературата и, особено тука, романот. Науката може да го прави тоа само на делови, на парчиња. Од гледна точка на писател, да се биде сам со себеси е продуктивно. Пишувањето е осама. А, пак, да се биде сам среде мноштво луѓе е најтешкото чувство што може да се има.
Што е тоа што го тера човекот да прифати улога во „однапред изрежирана драма“?
– Постојат ситуации во секојдневниот живот, но постојат моменти на ниво на мит или на историја што го вклучуваат човекот воопшто во контексти на „однапред изрежирана драма“. Таквата режија во секојдневниот практичен живот најчесто е од аспект на сила и поради потребата да се реализираат одредени себични интереси. Во поширокиот контекст, пак (мит, историја), тоа се прави во рамките на една идеологија, религија и слично, за да се состави потребната приказна во која треба да се верува, а притоа е можно, поради таквата потреба на приказната, да му биде наметната на човекот вина или дури и грев.
„Дни години како заби на дикел“. Од што на човек најмногу му се бистри умот и му подзинува устата кога „копа“ низ својот живот?
– Не од сè исто. Јас често го кажувам она дека во принцип на човекот во текот на подоцните години минатото му останува како поле на кое најмногу се среќава себеси. Притоа, на сцената на сеќавањата најпрвин брзаат да се качат непријатните нешта. Тоа го вели и Хадријан во романот на Маргерит Јурсенар. Тој вели: најпрвин нема да се сетам ни на тоа што сум бил император, ами на бината прво настапуваат некои непријатни доживувања и сеќавања на некои нереализирани проекти. Во песната сака да се каже, ако воопшто песните нешто кажуваат во вообичаената смисла на зборот – бидејќи поезијата е посебен, особен јазик, кој ги очудува познатите перцепции – дека во еден момент човек не е докрај свесен што се случило, дури подоцна умот му се разбиструва и тој ја сфаќа сета тежина на моментот, всушност дури тогаш докрај сфаќа.
На поетската сцена постојат нови, моќни, млади поетски гласови. Што би им препорачале?
– Ништо не би можел да им препорачам. И самиот сè уште трагам, се обидувам, пронаоѓам или не пронаоѓам. Како што уметноста не е прашање на избор во животот, на начин како што се другите практични професии, ами на нешто друго, многу индивидуално, така е и со препораката, многу малку би им била од значење. Зошто? Затоа што литературата, во случајов поезијата, е нешто многу лично и поврзано за личните „моќи“, за индивидуалниот талент. Зборот, бојата, звукот, линијата во уметноста се сосема индивидуални и тие не можат да стапат во некаков сојуз за да остварат цели што се надвор од неа самата. И не можат и не смеат да се обидуваат да остваруваат такви екстерни цели. Оваа година за наградата „Браќа Миладиновци“ кај нас конкурирале 35 книги, а многу повеќе се објавени. Тоа значи дека поезијата се пишува и се објавува. Тоа е добро. Младите притоа имаат важно место и со квантитетот и со квалитетот.
Свечено се отвораат „Струшките вечери на поезијата“
„Струшките вечери на поезијата“ (СВП) со традиционалното палење на поетскиот оган и со изведба на песната „Т’га за југ“ вечерва ќе бидат свечено отворени. Фестивалот, кој ќе трае до 28 август, годинава ќе се одржи под мотото „Чувствотворен јазик“. Оваа година главните поетски читања ќе ги предводат повеќе од 25 странски и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација. Во рамките на програмата ќе се одржи поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен венец“, Влада Урошевиќ. Настанот ќе биде на 26 август во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид. Претходно ќе се одржи свечен настан по повод јубилејот 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, со изложба на фотографии поврзани со неговото учеството на СВП, како и промоција на негови преведени изданија на неколку јазици. Ќе се одржат и портрети на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли, и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, Димитар Башевски.
Comments