Грчевски: Се надевам дека со добра ждрепка најмалку што можеме е да ја поминеме групата
РАКОМЕТ – ПО ПЛАСМАНОТ НА ЕП 2024
05.04.2024 April Petok
Многу важна победа за нас, со неа го заверивме пласманот на Европското првенство. Девојките одиграа како што треба, а тоа што се договоривме го исполнија. Им честитам на ракометарките за играта и за борбеноста, сериозно го сфатија мечот со Азербејџан, сите знаеме што значи ако некого потцениш. Се потрудивме сите во составот да добијат минутажа, а истовремено да заштедиме сили за Литванија. Иако оваа средба не е важна резултатски од аспект за пласман на ЕП, сепак би сакале да извојуваме победа на домашен терен и триумфално и во позитивна атмосфера да го затвориме овој циклус. Се надевам дека со добра ждрепка на ЕП можеме најмалку да ја поминеме групата, па потоа ќе размислуваме за понатаму, изјави селекторот Кристијан Грчевски, по пласманот на женската репрезентација на Македонија на 16. Европско првенство (ЕП), годинава во Швајцарија, Австрија и во Унгарија.На едно коло пред крајот во квалификациската група пет, Македонија оствари победа во Баку, на дуелот со Азербејџан, со 37-22 (19-12). В недела во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (од 18 часот, влез бесплатен), Македонките ќе го одиграат последниот, шести меч во овие квалификации, со Литванија, кој освен меѓусебниот престиж, нема големо значење. Првиот нивен дуел одигран на гости заврши со триумф на Македонија (31-28). Во вториот натпревар од оваа група, Шпанија на гости ја совлада Литванија со 34-20.Македонија по 12 години преку квалификации се пласира на големо натпреварување. Претходен пат преку квалификации беше учеството на ЕП 2012. Македонија настапи на ЕП 2022, но бидејќи беше еден од кодомаќините (заедно со Црна Гора и со Словенија), не играше квалификациски дуели.
– Овој пласман на европско првенство значи многу за мене. Сметам дека е голем успех, бидејќи по толку време се пласиравме на едно големо натпреварување преку квалификации, а тоа значи дека сме на вистинскиот пат. Се надевам на добра игра на ЕП, имаме време максимално да се подготвиме и да целиме кон добар резултат – рече младата талентирана 17-годишна репрезентативка, десниот бек Ива Младеновска, која игра во француски Брест.Со овој пласман на ЕП 2024, македонскиот сениорски ракомет воопшто, по 28. пат ќе биде на големо натпреварување, од првото во 1997 година. Сениорките досега играа на шест ЕП и пет светски првенства (СП), а сениорите на по осум ЕП и СП.На мечот со Азербејџан најефикасна во македонските редови беше левото крило Јована Саздовска, која седум пати ја затресе противничката мрежа, десното крило Сара Ристовска постигна шест, а средниот бек Ана Марија Коларовска еден гол помалку.До средата пласман на ЕП 2024 (ќе играат 24 репрезентации) обезбедија Македонија, Швајцарија, Австрија, Унгарија, Данска, Шведска, Холандија, Франција, Романија, Шпанија, Црна Гора и Норвешка. На минатото ЕП, во 2022 година, титулата ја освои Норвешка, а Македонија беше 16-та. Г.И.
ГРУПА 5
Азербејџан – Македонија 22-37Литванија – Шпанија 20-34
ТАБЕЛАШпанија 5 5 0 0 10Македонија 5 3 0 2 6Литванија 5 1 0 4 2Азербејџан 5 1 0 4 2Идно коло (недела): Македонија – Литванија, Шпанија – Азербејџан.
Comments