Групата „Меморија“ снима нов албум и подготвува концерт
05.07.2024 Juli Petok
Подмладената македонска рок-група „Меморија“, со двајца нови членови Давор Јордановски на клавијатури и Рубин Димкоски на гитара, заедно со ветераните, лидерот на бендот, Петар Герогиевски, попознат како Перо Камиказа на бас, Апостол Икономов-Поце – вокал, Ристо Самарџиев – вокал и Сашо Ангелов (тапани), денеска во просториите на универзитетот „Скопје“ (екс-Универзитет за туризам и менаџмент), одржа конференција за печат пред голем број новинари, колеги-музичари, поддржувачи… Најпрво гостите ги поздравија ректорот на оваа високообразовна установа, Аце Миленковски, како и Петар Георгиевски, говорејќи за нивната досегашна успешна соработка и пријателство.
Пред публиката беа презентирани спотовите за три нумери во режија на Кузман Клековски: за рок-фолк сплетот „Македонски бисери“, па за обработката на некогашниот хит на групата „Триангл“ – „Јана“ и за баладата „За тебе“, чиј автор е Петар Георгиевски, а текстот се совпаѓа со чувствата на секој од нас, кој загубил некого во изминатиот период. И пејачот Апосол Икономов-Поце, неодамна остана без својата животна сопатничка, па зборовите што ги отпеја, како да беа напишани за неговата загуба. Сепак, и покрај сѐ тој собра сили и ги пееше песните на „Меморија“ и на неодамнешниот концерт во Штип, во Домот на младите, кој беше повеќе од успешен.
Потоа секој од членовите на групата сподели со присутните дел од атмосферата во студиото, каде се снима новиот албум или се потсети на некоја анегдота, а новиот гитарист Рубин потврди дека уште на првата проба се почувствувал како да е дома, со луѓе што одамна ги познава. Доби и пофалби од колегите дека одлично се вклопил во старо-новата „Меморија“.
фото: М.Т.
Се објавија и најави за новите песни што ќе се снимаат, меѓу кои е и дуетска песна на Поце и Ристо, а веќе се осмислува и текот на големиот концерт, што ќе се случи на 16 ноември во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Предвидено е да настапат сите 30-тина музичари кои биле дел од „Меморија“ од основањето до денес, меѓу кои ќе биде секако и познатиот музички новинар, Антониот Димитриевски, нашиот денешен домаќин на промоцијата, кој своевремено бил тапанар во првиот состав на групата.
Како и претходните, и овој концерт ќе има хумана димензија, а се планира да настапат и детски хорови од цела Македонија, кои ќе исполнуваат хитови на групата. Гостин на концертот ќе биде и познат македонски пијанист, како и три естрадни дами.
До ноември сепак, ќе има и други активности, а меѓу нив е снимање на анимации за секоја песна, по урнекот на најголемите светски групи.
По официјалниот дел на промоцијата следуваше неформално дружење на присутните и коктел што го приредија домаќините на настанот.
М.Т.
Comments